Град Скопје ќе прави катастар на оџаци, во кој ќе влезат сите индустриски објекти, но и домаќинствата. Оваа се предвидува со нацрт-планот за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје 2027-2031. Документот го изработува Градот Скопје заедно со УНДП и ќе биде дигитална платформа.
Според анализата на податоците од изминатите десет години, достапни преку Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух (ДАМСКАВ), воздухот во Скопје секоја година ги надминува дозволените нивоа на ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките. Според податоците презентирани на денешната јавна расправа од 2015 до 2025 има намалување на обемот на загадувањето помеѓу 40 и 50 отсто.
Како и во сите претходни документи и во овој план се наведени познатите мерки за намалување на загадувањето односно зголемување на опфатот на топловодната мрежа, намалување на затоплувањето со фосилни горива, електрификација на јавниот сообраќај, како и воведување на најдобрите достапни технологии и контрола на индустријата.
Во планот се наведува дека основни причинители на загадувањето во Скопје се сообраќајот, индустријата и домаќинствата. Се предвидуваат и мерки за сите три категории кои треба да го подобрат квалитетот на воздухот, но не и конкретни рокови, финансии за реализација, ниту пак надлежни субјекти за имплементација на мерките.
Проширувањето на системот за централно греење, исфрлањето на печките на дрва и субвенциите за соларни системи и топлински пумпи се мерките предложени за домаќинствата. За намалување на емисиите од сообраќајот се препорачува купување на 100 електрични автобуси, воведување зона со ниски емисии во центарот на градот, имплементација на Брзиот автобуски превоз и проширување на велосипедската мрежа. Мерките за индустријата се зајакнувањето на контролите и поттикнувањето да се користат најдобрите технологии.
А. АНТЕВСКА



