ЌЕ ШТЕДИМЕ СО НАМАЛУВАЊЕ НА ОСВЕТЛУВАЊЕТО, НО ЗА ДА ИМА ПАРИ И ГРАЃАНИТЕ МОРА РЕДОВНО ДА ГИ ПЛАЌААТ ДАВАЧКИТЕ КОН ГРАДОТ, КАЖА АРСОВСКА

    ЌЕ ШТЕДИМЕ СО НАМАЛУВАЊЕ НА ОСВЕТЛУВАЊЕТО, НО ЗА ДА ИМА ПАРИ И ГРАЃАНИТЕ МОРА РЕДОВНО ДА ГИ ПЛАЌААТ ДАВАЧКИТЕ КОН ГРАДОТ, КАЖА АРСОВСКААрсовска апелираше до граѓаните кои немаат платено данок на имот или сметки за ѓубре, да го направат тоа во интерес на пошироката јавноста. (Фото: Град Скопје)

    На булеварите и улиците кои се под надлежност на Град Скопје нема да се гаси уличното осветлување, кажа градоначалничката Данела Арсовска. Како дел од мерките на Градот за справување со енергетската и економската криза ќе биде намалување до 70 проценти на интензитетот на уличните светлки, но не и нивно целосно гаснење.

    Нема под ниту едни услови да го исклучиме јавното осветлување на булеварите и улиците кои се под надлежност на Градот. Затоа ќе направиме сè што е можно да се намалат трошоците за струја, но не врз грб на граѓаните односно да се загрози нивната безбедност и сигурност. Како дел од мерките и препораките кои ги дадовме до јавните претпријатија и институции се да се приспособат системите на осветлување во одредени временски интервали, како и замена на осветлувањето со лед светилки. Ќе се ограничува осветлувањето на згради, фасади и реклами, а на нула ќе се сведат сите непродуктивни трошоци“, рече Арсовска.

    Град Скопје ќе почне и со поставување соларни панели на објектите кои се под негова надлежност со цел за две години сите да имаат обновливи извори на енергија.

    Арсовска кажа дека покрај тоа што Градот презел мерки за надминување на кризата, сепак и граѓаните треба да дадат свој придонес со тоа што редовно ќе ги плаќаат давачките кон Градот.

    Имаме голем број граѓани кои се недисциплинирани во плаќање на обврските кон Градот и јавните претпријатија, како што е данокот на имот и сите оние јавни давачки, кои се неопходни за да функционира еден град. Ако не се плаќаат обврските кон Градот, не можеме да даваме квалитетна услуга и сме ограничени во она што може да го направиме. Затоа, денес апелирам до граѓаните кои ги немаат подмирено обврските, да го направат тоа во интерес на пошироката јавноста“, дададе Арсовска.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира