КЕЛНЕРИТЕ И ГОТВАЧИТЕ ЗАМИНУВААТ ВО СТРАНСТВО, РЕСТОРАНИТЕ И ХОТЕЛИТЕ НЕ МОЖАТ ДА НАЈДАТ РАБОТНИЦИ

    КЕЛНЕРИТЕ И ГОТВАЧИТЕ ЗАМИНУВААТ ВО СТРАНСТВО, РЕСТОРАНИТЕ И ХОТЕЛИТЕ НЕ МОЖАТ ДА НАЈДАТ РАБОТНИЦИВо лето младите одат во странски туристички места оти за истата работа заработуваат далеку повеќе. (Фото: СДК.МК)

    Угостителско-туристичкиот сектор во Охридско-Струшкиот Регион се соочува со недостаток на кадар. Нема келнери, готвачи, рецепционери, а на бројните огласи за вработување ретко кој се јавува за да се обезбеди потребниот персонал.

    Едни од причините за дефицитот на кадар се ниските плати и одливот на младите, посебно во летниот период, кои за истата работа во туристичките места надвор од државава заработуваат далеку повеќе.

    „Високата сезона кај нас трае два месеца и кој е процентот од приходите кој се добива за плата, за енергија, за намирници и добивката нормално? Целиот приход на хотелите оди во трошоци и платите се тие. Од друга страна, имаме отворени граници за да излезат нашите вработени надвор од државата, а ние не можеме да донесеме работници од надвор иако за некои категории ни се итно потребни. Кога одат нашите вработени да работат некаде им се плаќа дел и кеш, а ние сме приморани да плаќаме и придонеси“, вели претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ), Крсте Блажевски.

    Куварите се меѓу најплатените во овој сектор. Платите се движат над 25 илјади денари вклучувајќи ги и празнични дневници и работа во недела, па во летниот период заработуваат и над 30 илјади денари.
    Според Блажевски, во ваква состојба на економска криза има корекции и на цените на хотелските услуги, а тоа ќе направи земјава повеќе да не е евтина туристичка дестинација. Тој кажа дека Македонија сè уште нуди најниски цени на услугите во споредба со туристичките места во регионот.

    „Од една страна бараме да продаваме евтин продукт, платите да бидат високи, а продуктите секојдневно да поскапуваат, тоа може само магионичар да го направи“, кажа Блажевски.

    Неодамна започна со работа и платформата за посредување при вработувања во туризмот со која ХОТАМ нуди работа во хотелско-угостителскиот и туристичкиот сектор, но и таму се пријавиле многу помал број од очекуваниот и потребниот. За претстојната туристичка сезона само половина од потребниот број келнери, шанкери, собарици и готвачи ќе се обезбеди преку ваквата пилот-мерка.

    „Најпотребен е кадарот за кујна и сервис. Не можеме да се пофалиме многу со овој проект во поглед на одѕивот. Бројката на заинтересирани е нешто повеќе од 100, а очекувавме од 300 до 500. Границите се отворени и стручниот кадар ни заминува во странство“, вели Блажевски.

    Според податоците на Синдикатот за туризам и угостителство, од почетокот на коронакризата околу 20 илјади вработени го напуштиле угостителскиот сектор. Угостителството и туризамот претрпеа најголеми загуби изминативе две години од пандемијата.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира