КОГА НА ВЛАСТ Е ВМРО-ДПМНЕ АЗБЕСТОТ ВО ВОДОВОДНИТЕ ЦЕВКИ НЕ Е ШТЕТЕН

    КОГА НА ВЛАСТ Е ВМРО-ДПМНЕ АЗБЕСТОТ ВО ВОДОВОДНИТЕ ЦЕВКИ НЕ Е ШТЕТЕНВо кампањата за изборите во 2005, кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ Владимир Талески тврдеше дека Битола се труе со водоводните цевки од азбест, дека тие се причина за многу болести и дека нивен приоритет ќе биде комплетна замена, а сега вмровските директори на јавните претспријатија тврдат дека тој не е штетен; - реконструкција на водоводната мрежа во Битола (Фото: СДК.МК)

    Триесет километри од водоводниот систем во Битола сѐ уште содржат азбестни цевки, иако употребата на азбестот беше забранета пред 12 години во европските земји. Со години не стивнуваат дискусиите и дилемите дали азбестните цевки во водоводниот систем се штетни по здравјето на консументите на водата за пиење. Директорот на јавното претппријатие „Водовод“ од Битола Горан Стефановски вели дека од 500 километри водоснабдителен систем во Битола , останале за замена уште околу 30 километри, од кои половина парцијално се заменети при санација на дефекти. Тој тврди дека азбестот не ја загадува водата и не влијае врз здравејто на граѓаните.

    „Го менуваме поради дефекти инаку нема потврда дека е штетен, зашто не стапува во реакција со водата. Опасна за здравјето може да биде само прашината од него, доколку се вдишува при сечење на цевките. Токму за да не доаѓа до тоа ги заменуваме во цела должина од спој до спој. 50 проценти од тие 30 километри се заменети во делови, но во иднина ќе биде потребна целосна реконструкција“, вели Стефановски.

    Тој додава дека во последните десет години замениле 30 километри азбестни со ПВЦ цевки.

    Советникот Благојче Котевски од СДСМ, кој во битолскиот Совет често пати го анализира работењето на јавните претпријатија во градот, вели дека дури ни азбестот не останува имун на политика. Објаснува дека пред изборите во 2005 година ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека азбестот е штетен, а денес нивните директори велат дека не е.

    „Главниот адут на кампањата на тогашниот актер, а подоцнежен градоначалник, Владимир Талески, беше тезата дека Битола се труе со водоводните цевки од азбест, дека тие се причина за многу болести и дека нивен приоритет ќе биде комплетна замена. Попусто  беше објаснувањето на стручњаците дека штетноста е кога тој се вдишува како прашина. По 12 години сѐ уште имаме азбестни цевки, но и нивни тврдења дека не се штетни за здравјето. Инаку, половина од вкупната водоводна мрежа  во Битола е зрела за замена што ќе чини 20 милиони евра“, вели Котевски.

    Во Битола во изминатите 10 години немаше лекар кој јавно проговори за влијанието од азбестот.

    Разногласите на оваа тема постои со години, во зависност од ситуацијата и политиката. Додека директорите на јавните претспријатија тврдат дека тој не е штетен, пред неколку години  Нада Бјадова, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица го обвини тогашниот градоначалник Зоран Заев дека го загрозува здравјето на граѓаните со тоа што не ги менувал азбестните цевки.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира