КОГА ТРЧАМ СУМ СРЕЌЕН И ИСТ КАКО СИТЕ, ВЕЛИ АЛЕКСА ПЕТРОВИЌ ОД СРБИЈА КОЈ СО ИНВАЛИДСКА КОЛИЧКА Е ДЕЛ ОД „ОХРИД ТРЧАТ“

    КОГА ТРЧАМ СУМ СРЕЌЕН И ИСТ КАКО СИТЕ, ВЕЛИ АЛЕКСА ПЕТРОВИЌ ОД СРБИЈА КОЈ СО ИНВАЛИДСКА КОЛИЧКА Е ДЕЛ ОД „ОХРИД ТРЧАТ“Алекса Петровиќ и другар му Марко Гајиќ кој ја турка количката ќе трчаат на полумаратонската трка од 21 км. (Фото: СДК.МК)

    Алекса Петровиќ (29) од Јагодина, Србија со својата инвалидска количка е дел од охридскиот маратон „Охрид трчаТ“. Пред неколку дена допатува во Охрид со своите пријатели, а вчера ги имаше последните подготовки за учество на трката. Со насмевка на лицето, неговите емоции покажаа дека сите сме исти и дека не постојат препреки за остварување на која било цел во животот. Кажа дека е спремен, но и среќен што ќе биде рамо до рамо со маратонците и спортистите.

    Неговиот пријател Марко Гајиќ, кој ја турка количката, како на овoј така и на сите други маратони каде учествувале, вели дека најважно е да се испрати пораката да запре дискриминацијата на инвалидизираните лица, бидејќи и тие заслужуваат да бидат дел од социјалниот живот.

    „Мене ми е многу важно Алекса пред се да почуствува дека тој овде припаѓа и едноставно да има убави спомени. Кога ќе ги погледнеме медалите или некоја слика од нашите трки се сеќаваме на секој детал“, вели Марко и додава дека спортот не е единствениот кој ги спојува. Тие се пријатели кои заедно одат и на концерти и на забави.

    Алекса е дипломец на факултет по информатика, има роднини во Охрид од кои разбрал за маратонот и сам се пријавил. Вели дека има трема, но не и страв од калдрмата и висините во Стариот дел на градот оти имале напорни тренинзи со Марко а тоа, како што потврди, е најважно за еден спортист.

    „Кога видовме дека имаме слободен термин, рековме зошто да не. Ова е полумаратонска трка, 21 км, и решивме да учествуваме. Теренот не ни е познат, но токму тоа ни е предизвик. На маратони настапуваме од 2018. Негов добар пријател дојде на идеја Алекса да биде дел од некаква спортска манифестација, а најдобро за него се маратоните. Во иднина планираме настап на некој ултрамаратон. Алекса ужива во тоа, има спортски дух“, вели Марко.

    Единствен проблем со кој се соочиле додека ги совладуваат километрите е количката на Алекса која не е наменета за трчање, па мора да се вози само на задните тркала. Иако тоа е голем напор, Марко вели дека никогаш не било пречка да стигнат до целта.

    „Тоа е проблем затоа што притискате со телото надолу, горните делови од телото брзо откажуваат, па за потешки маратони се менуваме двајца кои ја туркаат количката, но секогаш стигнуваме до крај, успеваме до целта“ вели Марко.

    Алекса и Марко учествувале на многу маратони, заедно истрчале многу километри, освоиле медали и се прваци во Европа каде победиле во планинска трка.

    „Нашата најдолга трка е 42 километри, цел маратон, го истрчавме во Јагодина и два пати во Сараево. Имаме една треил планинска трка, тука сме единствени во Европа со лица со инвалидитет“, додава Марко.

    Двајцата другари тука не застануваат, велат дека следуваат уште маратони и уште докажувања дека и лицата со попреченост се рамноправен дел од општеството.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира