Коледарски оган вчеравечер беше запален и во Пациото во Завод и музеј во Битола, кое пред година и пол беше реконструирано преку проект за прекугранична соработка, финансиран од ЕУ и Министерството за локална самоуправа. Директорот на Завод и музеј Зоран Николовски вели дека огнот го запалиле со поставена изолација за да не дојде до никакво оштетување на Пациото.
„Сакавме со вработените да се одбележи коледарската традиција. Поставивме целосна изолација, со тервол и песок, поткачено во буре, никаква искра немаше, сѐ беше заштитено и ништо не се оштети“, рече Николовски.
Станува збор за уникатен простор кој е дел од некогашното воено училиште старо 178 години, каде во минатото учел реформаторот на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататрук. Пациото денес служи за одржување културни настани.
Со реконструкцијата, во Пациото, кое е на отворен поростор и окружено со објектите на Музејот, беа поставени нова инсталација, одвод, гранитни плочи и коцки и пристапни рампи за лица со попреченост. Просторот беше претворен во лапидариум, каде се поставени 15 мермерни скулптури со соодветно оветлување, кои претходно не беа презентирани пред јавноста, како и споменици од различни временски периоди откриени во Хераклеја и други наоѓалишта.
Ж. ЗДРАВКОВСКА