КОЛКУ ПОРЕВНОСНО ГО ПРАЗНУВАМЕ 11 ОКТОМВРИ, ТОЛКУ ПОМАЛКУ ЌЕ ДАДЕМЕ ЗНАЧАЊЕ НА ПРОВОКАЦИИТЕ ОД БУГАРСКИТЕ КЛУБОВИ, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА

    КОЛКУ ПОРЕВНОСНО ГО ПРАЗНУВАМЕ 11 ОКТОМВРИ, ТОЛКУ ПОМАЛКУ ЌЕ ДАДЕМЕ ЗНАЧАЊЕ НА ПРОВОКАЦИИТЕ ОД БУГАРСКИТЕ КЛУБОВИ, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРАМинистерката беше на концертот на Камерниот оркестар на Битола и Младинскиот хор на КУД „Стив Наумов“ во Градскиот парк во Битола каде се наоѓаат бистите на паднатите херои од антифашистичката НОБ. (Фото: СДК.МО)

    Колку поревносно го празнуваме 11 Октомври, толку помалку ќе даваме значење на оние провокации што ни се случуваат овие денови во нашата држава, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска прашана дали со отворањето на бугарските клубови во Битола и Охрид именувани според фашисти и соработници на фашистички режим се фрла сенка врз празнувањето.

    „Ова е наш празник, празник за нашите борци, празник за мојот дедо кој својот живот го даде за слободата што ја уживаме денес. Денот на народното востание, ден кога им оддаваме почит на храбрите мажи и жени кои се жртвуваа за нашата слобода и државност“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

    Таа присуствуваше на концертот на Камерниот оркестар на Битола и Младинскиот хор на КУД „Стив Наумов“ во Градскиот парк во Битола каде се наоѓаат бистите на паднатите херои од антифашистичката народноослободителна борба (НОБ). Со овој настан на кој се придружи и Сојузот на борци од Битола започна чествувањето на 81- годишнината од Денот на народното востание на македонскиот народ, 11 Октомври.

    „Колку што тие пристискаат повеќе кон непризнавање на НОБ, ние толку повеќе ќе зборуваме за антифашистичкиот карактер на таа борба. Срамота е да се отворат клубови на Ванчо Михајлов, Борис Трети, а сега слушам и на делителот на Македонија, цар Фердинанд, не е дозволиво и мора државата да си најде начин, не да ги затвора, туку да не дозволува отворање на клубови кои носат имиња на некои фашисти или да имаат цели да ги прославуваат имињата и дејствувањето на тие фашисти“, рече Стефан Бошков, претседател на Сојузот на борци – Битола.

    Во Битола и околината се изградени 17 споменици, околу 60 бисти, 48 спомен-плочи, 7 спомен-чешми во чест на Народноослободителната војна и загинатите борци против фашизмот во Втората светска војна.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира