КОНКУРСОТ ЗА ПЛАНОТ ЗА „ФАБРИКА ТРЕСКА“ ЗАКОЧЕН ОТКАКО АНТИКОРУПЦИСКА ПОБАРА СОПСТВЕНИЦИТЕ НА ЗЕМЈИШТЕТО ДА НЕ СЕ ВО КОМИСИЈАТА

    КОНКУРСОТ ЗА ПЛАНОТ ЗА „ФАБРИКА ТРЕСКА“ ЗАКОЧЕН ОТКАКО АНТИКОРУПЦИСКА ПОБАРА СОПСТВЕНИЦИТЕ НА ЗЕМЈИШТЕТО ДА НЕ СЕ ВО КОМИСИЈАТАПостоечкиот план предвидува изградба на 30 згради. (Фото: К. Попов)

    Помина една година откако Општина Центар најави конкурс за уредување на просторот кај фабриката „Треска“, а тој сè уште не е распишан. Конкурсот беше ветен лани во февруари, откако тоа го побараа архитекти, професори и граѓански организации. По нивниот притисок, Советот на Општина Центар по предлог на градоначалникот Саша Богдановиќ донесе одлука преку јавен конкурс да се одлучи што ќе се гради на просторот на некогашната фабрика, која е на граница помеѓу општина Центар и општина Карпош. Во ноември, Богдановиќ рече дека е формирана комисија која ќе го спроведе конкурсот. Но, проблемот настанал откако во Општината добиле допис од Антикорупциската комисија во кој се вели дека во комисијата не смеат да членуваат претставници на сопствениците на земјиштето.

    „Конкурсот досега ќе беше распишан и можеби ќе имавме избрано решение да не беше одлуката на Антикорупциска комисија со која се бара да ги исклучиме сопствениците на земјиштето од комисијата. Сега мора Советот на Општина Центар да одлучи како понатаму, дали ќе правиме нова комисија или пак нема да дадат согласност за тоа“, вели градоначалникот Богдановиќ.

    Според одлуката на Општина Центар во комисијата за спроведување на конкурсот се Мирко Андоновски од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), професорката од Архитектонскиот факултет Дивна Пенчиќ, Оливер Бојковски претставник на сопствениците, Снежана Митовска од Град Скопје и Биљана Насковиќ од Општина Центар.

    Комисијата која ќе ги оценува пристигнатите решенија е составена од професорката Јасмина Силјановска од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), професор Михајло Зиновски од Архитектонскиот факултет, Миодраг Радоњиќ-Бато од Архитектонската академија на ААМ, Ивана Драгшиќ, претставничка на невладиниот сектор, Предраг Виќентиевиќ, претставник на сопствениците, Жаклина Ангеловска од Комората на овластени архитекти, Марјан Иванов од Градежната комора, Наташа Тодоровска-Пренк од Општина Центар и Виктор Михајлов од Град Скопје.

    Од пред два месеца во Општина Центар не важи мораториумот за градба, по одлуката на Уставен суд за испитување на уставноста. Сега инвеститорите и граѓаните сопственици на земјиште можат да бараат дозволи за градби според постоечкиот план кој предвидува изградба на 30 згради.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира