КОНТЕЈНЕРИТЕ НИЗ СКОПЈЕ НАБАВЕНИ ПРЕД 4 ГОДИНИ СЕ ИСКРШЕНИ, „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ КУПУВА НОВИ ЗА 800.000 ЕВРА

    КОНТЕЈНЕРИТЕ НИЗ СКОПЈЕ НАБАВЕНИ ПРЕД 4 ГОДИНИ СЕ ИСКРШЕНИ, „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ КУПУВА НОВИ ЗА 800.000 ЕВРАСите капаци кои се затвораат автоматски се искршени. (Фото: СДК.МК)

    Искршени, уништени или запалени се поголемиот дел од контејнерите низ Скопје. Ретко кој е читав, речиси сите се со искршени капаци.

    Контејнерите беа набавени пред четири години во време на мандатот на градоначалникот Петре Шилегов и се со механизам за автоматско затворање на капакот, педал за ножно отворање и со рачка за отворање. Поради ваквиот систем, по контејнерите не може да се пребарува, како што прават граѓани кои собираат пластика или друг отпад. Поради тоа, сега сите капаци се искршени или изгорени.

    Искршени се и речиси половина од пластичните корпи за џебен отпад, кои беа набавени заедно со новите контејнери.

    Поради уништената опрема, ЈП „Комунална хигиена“ сега ќе купува нови контејнери и канти. На 3 јануари годинава склучен е договор со фирмата „Метал Ват“ за набавка на нови садови за отпад за 800.000 евра. Ќе бидат набавени најмалку 50 контејнери со капацитет од 1,1 кубен метар, минимум четири од 2,2 кубни метри и најмалку 25 од 3,2 кубни метри. Пластичните канти ќе бидат од 120 литри и треба да се набават најмалку 700, како и најмалку 1.000 од 240 литри.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира