КОЦЕ ГИ ИСЕЧЕ ЗДРАВИТЕ ДРВЈА, МИ ГИ ОСТАВИ ЗА СЕЧЕЊЕ БОЛНИТЕ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ

    КОЦЕ ГИ ИСЕЧЕ ЗДРАВИТЕ ДРВЈА, МИ ГИ ОСТАВИ ЗА СЕЧЕЊЕ БОЛНИТЕ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВГрадоначалникот Шилегов вели дека Трајановски на службите во Градот им дал усна наредба последните две години да не се сечат дрвјата за кои биле изготвени решенија иако претставуваат опасност за граѓаните (Фото: Ѓ. Личовски)

    Околу 1.000 болни дрвја кои треба да се исечат во Скопје наследил градоначалникот Петре Шилегов од неговиот претходник Коце Трајановски. Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека Трајановски на службите во Градот им дал усна наредба последните две години да не се сечат дрвјата за кои биле изготвени решенија, иако претставуваат опасност за граѓаните.

    „Сечеа здрави дрвја за да градат згради, а било наредено да се стопира со сечењето на стари и болни дрвја кои се опасност и за кои има изготвено решенија. При невремето само за еден ден ни паднаа 100 дрвја. Што ако, не дај боже, некое дрво паднеше некому врз глава? Сега во Градот има решенија за сечење на околу 800 дрвја, за кои мораме да интервенираме“, вели Шилегов.

    Сите решенија за сечење дрвја ќе се дадат на увид на невладините организации за заштита на животна средина.

    „Нема да ги исечеме сите одеднаш. Тоа ќе го правиме постепено, тргнувајќи од оние кои се најголема опасност за граѓаните. Тоа ќе го направиме во консултации со невладините организации на кои ќе им ја дадеме на увид целата документација и образложенија од службите“, додава Шилегов.

    Град Скопје во пролетната акција за зазеленување на градот засади 4.000 дрвја, а наесен, како што најавува Шилегов, ќе посадат 8.000 садници.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира