КОВИД КРИЗАТА ВО БИТОЛА ГО ЗГОЛЕМИ БРОЈОТ НА ПАЦИЕНТИ СО ПСИХИЧКИ ПРОБЛЕМИ

    КОВИД КРИЗАТА ВО БИТОЛА ГО ЗГОЛЕМИ БРОЈОТ НА ПАЦИЕНТИ СО ПСИХИЧКИ ПРОБЛЕМИИнтерното, Нервното и Психијатриското одделение при битолската Клиничка болница подолг период се оптоварени со пациенти со постковид пореметувања. (Фото: СДК.МК)

    Во Битола има само двајца болни со ковид-19 кои се на дневно болничко лекување, но веќе подолг период оптоварени со пациенти со постковид пореметувања се Интерното, Нервното и Психијатриското одделение при битолската Клиничка болница. Директорката на болницата Билјана Гагачовска вели дека се појавиле анксиозните состојби, паничните напади и слична патологија како последица од целокупната ситуација, но и постковид состојби како психотични растројства и акутни дементни состојби.

    „Се соочивме со нешто што беше непознато, како луѓе требаше да се навикнеме на одредени правила кои не ни беа по волја, потоа следуваше период на изолации, страв од смртта и постојаната оптовареност со црната хроника, и очекувано  еова што се случува и допрва ќе се случува од аспект на психолошки и психички растројства“, рече Гагачовска, која е специјалист психијатар.

    Меѓу пациентите кои бараат лекарска помош се и лица кои го прелажеле коронавирусот, ама и граѓани кои не се заразиле, но целокупната ситуација во која живееле изминатите месеци со стрес предизвикала психички проблеми.

    На Инфективното одделение во овој период од годината има оптоварување од болести кои се вообичаени за лето и кои се случувале со години.

    Периодот додека нема хоспитализации на болни од ковид-19 ќе биде искористен и за реновирање на тоалетите во Инфективното одделение. Парите се донација од Јавното претпријатие „Водовод“, за што денес директорот Горан Козаров и директорката Гагачовска потпишаа меморандум.

    „Даваме 400.000 денари за комплетно реновирање на санирарните јазли во едното одделение на Инфективно. Комплетно реновирање на машки, женски вециња сосе купатило, кади“, рече Козаров.

    „Водовод“ лани донираше 1,2 милиони денари за поставување водоводна инфраструктура за модуларната болница во Битола, а директорот Козаров рече додека бил пациент во Ковид центарот бил задоволен од лекарската грижа и одлучи деновиве лично да донира и клима на Интерното одделение во болницата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира