КРИЗНИОТ ШТАБ БАРА ДА СЕ НОРМАЛИЗИРА ГРАДСКИОТ ПРЕВОЗ ВО КУМАНОВО ЗАПРЕН ПОРАДИ КОРОНАКРИЗАТА

    КРИЗНИОТ ШТАБ БАРА ДА СЕ НОРМАЛИЗИРА ГРАДСКИОТ ПРЕВОЗ ВО КУМАНОВО ЗАПРЕН ПОРАДИ КОРОНАКРИЗАТАВо Куманово изминативе 24 часа се регистрирани 9 нови случаи на болни од коронавирус, а досега има 408 случаи од кои 44 се активни. (Фото: СДК.МК)

    Општинскиот штаб за заштита и спасување бара локалните и државни институции во најкраток можен рок да најдат решение и да го стават во функција јавниот градски превоз за потребите на стопанството. Ова уследи откако минатата недела претставници од Локалниот економско-социјален совет одржаа средба со стопанствениците во градот, кои побарале да се создадат услови за непречено работење на нивните фирми.

    Во Куманово изминативе 24 часа нема регистрирани нови болни од коронавирус, а досега има 408 случаи од кои 44 се активни.

    „Согласно барањата на предходно одржаниот состанок со претставници на Локален економски совет како едно од приоритетни барања е за делумно враќање на градскиот превоз за потреби на стопанството, препорачуваме до градоначалникот во консултација со Владата во најкус можен рок да излезе со предлог за реализација на горенаведеното барање“, стои во соопштението на Кризниот штаб.

    И кумановчани од приградските населби и селата, како и граѓаните кои работат во Скопје, барањаат да се нормализира јавниот градски и меѓуградски превоз, бидејќи немаат услови да одат на работа, а поради користењето на такси услугите имаат дополнителни трошоци во буџетот.

    „Каде да се обратиме за да бараме да го вратат градскиот превоз? Сè функционира нормално, фирмите и продавниците работат, а ние немаме начин како да отидеме на работа. Плаќаме такси или возиме на смена, но тоа не е решение и чини поскапо. Граѓаните и така се на минимална плата или воопшто не примиле, а имаат екстра трошок кој никој не го покрива“, вели кумановка.

    Меѓуградскиот и градскиот превоз во Куманово беше укинат на 24 март од Владата, за да се спречи ширењето на коронавирусот во градот и регионот. Од тогаш, до Куманово како регионален центар прекинат е линискиот автобуски превоз и кон двете соседни општини Липково и Старо Нагоричане, како и останатите во регионот.

    На денешната седница на Кризниот штаб беше побарано од Владата во најитна постапка да донесе соодветни мерки, протоколи и препораки за брзо заживување на стопанските субјекти – хотели, ресторани, кафеани, кафулиња, занаетчиски дуќани и мали трговски единици на територија на Општина Куманово, со јасни и прецизно дефинирани услови и насоки за начинот, поставеноста и внатрешното уредување на нивниот простор.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира