КРИЗНИОТ ШТАБ НА ТЕТОВО БАРА ВЛАДАТА ДА ЈА УКИНЕ ЗАБРАНАТА ЗА ОРГАНИЗИРАН ПРЕВОЗ ДО ОКОЛНИТЕ МЕСТА

    КРИЗНИОТ ШТАБ НА ТЕТОВО БАРА ВЛАДАТА ДА ЈА УКИНЕ ЗАБРАНАТА ЗА ОРГАНИЗИРАН ПРЕВОЗ ДО ОКОЛНИТЕ МЕСТАВладината мерка против коронавирусот и не се почитуваше толку доследно, секој ден можат да се видат комбиња, најчесто во близината на тетовскиот амам, како качуваат и симнуваат патници. (Фото: СДК.МК)

    Кризниот штаб на Општина Тетово бара од Владата да ја укине забраната да се врши организиран превоз со автобуси и комбиња од Тетово до околните општини. Оваа одлука Владата на барање на Кризниот штаб на Општина Тетово ја донесе на 21 април, за да се намали приливот на лица од соседните рурални општини, бидејќи во тој период започна да расте бројот на заразени со КОВИД-19.

    „Како дел од одлуките за олабавување на рестриктивните мерки бараме да се укине и забраната за транспорт со автобуси и комбиња во Тетово, која уште е на сила. Ова барање го темелиме на неодамнешната одлука на Владата да се укине одлуката за забраната за јавен превоз на ниво на цела држава“, се вели во денешното соопштение од седницата на Кризниот штаб на Општина Тетово.

    Оваа одлука кога беше донесена им создаде големи проблеми на лицата кои живеат во околните општини, а работат во Тетово. Сепак, мерката и не се почитуваше толку доследно. Секој ден можеа да се видат по неколку комбиња, најчесто во близината на тетовскиот амам каде имаат импрoвизирана станица, како качуваат и симнуваат патници.

    Вчера, премиерот Оливер Спасовски на прес-коференцијата одговарајќи на новинарско прашање  за барањето повторно да почне да функционира превозот во Тетово, рече дека досега таква препорака нема добиено од Комисијата за заразни болести и дека забраната ќе се укине кога членовите на Комисијата ќе оценат дека тоа е можно.

    Од тестирањата во изминативе 24 часа, во Тетово има 4 позитивни на коронавирус. Од Кризниот штаб на Општина Тетово кажаа дека во градот има вкупно 52 лица заразени од КОВИД-19 од кои 2 се починати, во Општина Боговиње 41 заразено лице и 6 починати, во Општина Теарце 7, Општина Брвеница 10 заразени и 1 лице починато, во Општина Желино 6 заразени и две починати и во Општина Јегуновце има 4 заразени лица.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира