Кучињата што вчера беа најдени на градскиот плоштад во Охрид биле отруени со „ланате”, високотоксичен отров, кој може да се набави само со сложена процедура, вели екологистот Климент Арнаудов, пренесувајќи го мислењето на ветеринарите.
„Начекавме три затруени кучиња: Менда, Слонче и едно друго мечуле, на кое уште му немавме дадено име. Менда успеавме да ја спасиме и ја сместивме на импровизирано место додека не оздрави. Слонче не издржа, иако интервенираа ветеринари, а ова последното куче малку беше затруено, изгледа не каснало многу од подметнатата храна со отров и навреме спречивме проширување на дејството на отровот. Двете кучиња ќе тераат втор живот благодарение на брзата интервенција на нас, активистите, ветеринарите Јане, Оливер и Ристе и на вработените во околните кафулиња, кои несебично помагаа и асистираа”, напиша Арнаудов на Фејсбук.
По труењето на кучињата, на терен излегоа припадници на крим техника при СВР-Охрид, но засега нема официјална информација за сторителите.
Д. ЧУБРИЌ