Кај велешани позната како куќата на Аликара или на Апасиеви во Велес, која лани требаше да се реконструира со средства од државата, е на работ на паѓање. Според годишната програма за 2024 на Министерството за култура, куќата требаше да се реконстурира преку Националниот конзерваторски ценатар (НКЦ), со средства во висина до 1.200.000 денари (околу 19.500 евра). Повеќе од три години се ставени градежни скелиња на куќата, лоцирана во стариот дел на Велес, близу познатото маало на Варналиите. Но, градежни активности нема.
Сегашните сопственици, семејството Апасиеви чиј дел е и лидерот на Левица, пратеникот Димитар Апасиев, живее во неа на долниот кат, горниот не е безебден.
„Толку години се обидувавме како семејство да добиеме дозвола да ја обновиме. Куќата е стара, почна да пропаѓа, но секогаш добивавме ист одговор, не може ништо да се преземе, заштитена е со закон. И така дојде до оваа ситуација, да биде на прагот на пропаѓање. Три години ставија скеле, ама ништо не се сработи. Со сопругата живееме долу на приземје, горниот кат не е корисен, ниту безебден. Таа на надлежните повеќепати им праќаше видеа за тоа каква е стостојбата со куќата, но ништо не се случи“, ни рече сопственикот Пане Апасиев.
Според пишаните документи, куќата е изградена во средината на 19 век, била бегова куќа, подоцна купена од бавчованџијата Аликара, па од Апасиеви.
На почетокот од 2024, Националниот конзерваторски центар со годишната програма за работа од Министерството за култура доби 1.200.000 денари (околу 19.500 евра) за реконструкција, санација и конзервација на куќата на Аликара односно Апасиеви во Велес.
САКАМДАКАЖАМ.МК уште на 23 декември лани до НКЦ по е-пошта испрати прашања зошто до истекот на годината не беа преземени никакви активности, согласно предвидената програма. Но, и покрај тоа и неколкуте телефонски разговори со ветување дека наскоро ќе одговорат, не добивме одговор до објавувањето на текстот.
Во Велес, од 72 заштитени куќи според архитектонското значење колку што ги имало на списокот во 1980-тите, само уште во десетина живеат семејства и се употребливи, корисни и зачувани. Останатото е претворено во камен и прав и е разрушено.
П. ПЕЧКОВ