КУМАНОВО АНГАЖИРА 20 ЛИЦА КОИ ЌЕ ИМ ПОМАГААТ НА СТАРИТЕ И НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

    КУМАНОВО АНГАЖИРА 20 ЛИЦА КОИ ЌЕ ИМ ПОМАГААТ НА СТАРИТЕ И НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТMузички аниматори, логопеди, тренери, социјални работници, педагози, психолози, дефектолози, одделенски наставници, физиотерапевти и медицински сестри, по 4 часа дневно ќе им помагаат на ранливите групи граѓани (Фото: СДК.МК)

    Преку програмата за општинско корисна работа на проектот „Локална прегратка“, Општина Куманово ангажираше 20 лица кои ќе работат со лицата со попреченост во дневните центри и со стари и изнемоштени лица во домашни услови. Mузички аниматори, логопеди, тренери, социјални работници, педагози, психолози, дефектолози, одделенски наставници, физиотерапевти и медицински сестри, по 4 часа дневно ќе им помагаат на овие ранливи групи граѓани во извршување на нивните секојдневните обврски.

    „Нашиот проект се состои од три проектни идеи. Првата се лицата со попреченост во двата дневни центри во Општина Куманово. За потребите на корисниците ангажиравме шест ментори за развој на личните афинитети и помош при осамостојување. Тука ангажиравме професори по физичко и музичко образование кои секојдневно ќе работат со лицата. Втората проектна идеја се однесува на учениците со интелектуална попреченост кои се вклучени во инклузивното образование во 5 основни училиште. Со нив ќе се работат индивидуално пет образовни асистенти. Третата идеја е новитет, а тоа е помош на стари лица. Ангажиравме шест луѓе, кои ќе им пружаат помош и подршка во домашни услови. Нивната обврска ќе биде да набават продукти, придружба на лекар, социјализација на старите лица. На почеток ќе бидат опфатени 20 стари лица, колку што имаше интерес, а во текот на проектот тој број може да се зголеми. Едно лице ќе покрива пет семејства“, изјави Тања Стефановска, координатор на проект.

    Градоначалникот Максим Димитриевски смета проектот е од големо значење за граѓаните од ранливите групи кои се маргинализирани во општеството, во извршување на нивните обврски, но и поради подигање на свеста кај граѓаните кон овие лица.

    Проектот ќе трае 9 месеци, а за месечниот надомест на вработените ќе биде бруто 9.000 денари. Од Општина Куманово се надеваат дека по завршување на проектот лицата кои се ангажирани ќе се стекнат со вештини кои ќе им помогнат полесно да се прилагодат на пазарот на трудот, а ранливите категории на граѓани ќе ја добијат неопходната помош, што се целите на програмата.

    Проектот е финасиран од Агенцијата за вработување на РМ, а се реaлизира во соработка УНДП и Министерство за труд и социјална политика и локалната самоуправа. Буџетот на целиот проект е 2.71 милиони денари. Ова е шеста година како Општина Куманово го спроведува овој проект.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира