КУМАНОВО ЌЕ ПОСТАВИ СВОИ МЕРНИ СТАНИЦИ ЗА МЕРЕЊЕ НА АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО

    КУМАНОВО ЌЕ ПОСТАВИ СВОИ МЕРНИ СТАНИЦИ ЗА МЕРЕЊЕ НА АЕРОЗАГАДУВАЊЕТОЕдинствената мерна станица е поставена во дворот на Општата болница во Куманово. (Фото: СДК.МК)

    Куманово воспоставува сопствен систем за мерење на квалитетот на воздухот во градот, со цел да го контролира на степенот на загадувањето во поширокиот дел на општината. Општината набави шест мерни станици, кои ќе бидат поставени на различни локации во градот, а информациите ќе бидат достапни за граѓаните преку општинската веб-страна.

    „Ние сме прва општина којашто ќе има сопствен систем за мерење на аерозагадувањето во градот. Секој граѓанин ќе може на дневна основа да го следи загадувањето и состојбата со воздухот. Станиците ќе бидат поставени на 6 различни локации, две во централното градско подрачје и во населбите“, рече градоначалникот Максим Димитриевски.

    За набавка на мерните станици издвоени се околу 660.000 денари од општинскиот буџет.

    Со поставувањето на новите мерни станици се очекува континуирано следење на аерозагадувањето во Куманово, но и поефикасна контрола и интервенција за преземање на мерки од надлежните служби.

    Куманово со години е една од најазагадените општини во државата. Единствената мерна станица е поставена во дворот на Општата болница во Куманово, која се смета за еден од најголемите загадувачи, бидејќи се грее на мазут. Поради тоа, често пати надлежните ги релативизираа високите вредности на загадувањето со објаснување дека се резултат на согорувањето од греењето и издувните гасови од автомобилите, поради високата концентрација на сообраќај во тој дел на градот.

    После неколку години најава, конечно е гасифицирана Кумановската болница, а системот за парно греење на гас треба да започне да работи деновиве.

    Постојано се работи и на проширување на гасоводната мрежа во стопанските субјеки, станбените комплекси и индивидуалните куќи, се со цел да се намали употребата на енергенсите кои се најголеми загадувачи на воздухот.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира