КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦА ОД ДЕНЕСКА ЌЕ СЕ ГРЕЕ НА ГАС, ГАСИФИКАЦИЈАТА ЧИНЕШЕ 300 ИЛЈАДИ ЕВРА ШТО ГИ ОБЕЗБЕДИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

    КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦА ОД ДЕНЕСКА ЌЕ СЕ ГРЕЕ НА ГАС, ГАСИФИКАЦИЈАТА ЧИНЕШЕ 300 ИЛЈАДИ ЕВРА ШТО ГИ ОБЕЗБЕДИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВООпштата болница беше најголем загадувач на воздухот оти се грееше на нафта и мазут. (Фото: СДК.МК)

    Општата болница во Куманово од денеска ќе се грее не гас, откако е инсталиран нов систем за греење за кој Министерството за здравство обезбеди 300 илјади евра. Претходно болницата се грееше на мазут и нафта и е посочувана како еден од најголемите загадувачи во Куманово.

    „Ова е голема инвестиција, којашто ние сами како Општа болница Куманово, а особено во услови на пандемија не би можеле да ја обезбедиме. Проектот го реализиравме со помош на Владата и Министерството за здравство. Првичната проценка беше дека гасификација ќе чини околу 250 илјади евра, но поради зголемување на цените на пазарот при изградбата на гасната котлара целиот проект излезе 300 илјади евра“, изјави Снежана Захариева, директорката на Општа болница Куманово.

    Таа додава дека во некои други времиња покрај еколошко ќе имале и економско затоплување, но сега во време на енергетска криза кога цената на гасот е многу зголемена не се надева на намалени сметки, туку очекува дека загревањето со природен гас ќе ги чини поскапо.

    „Ова е ново искуство за нас, ќе видиме како ќе функционира, но се надевам дека ќе биде подобро од загревањето со мазут. Очекувам да се стабилизира целокупната состојба и дека нема да имаме потреба до дополнително загревање со други енергенси, дека ќе имаме редовна испорака на гас поради проблемите на светскиот пазар, но ние секогаш како алтернатива ќе го имаме греењето на мазут, бидејќи сме болница и не смееме да дозволиме да останеме без енегренс“, рече Захариева.

    Гасификацијата на Кумановската болница заврши во декември минатата година, но поради проблемите со набавката и цената на гасот пуштањето во употреба на греењето беше одложено за неколку месеци.

    Општата болница Куманово досега плаќала околу 50 илјади евра на годишно ниво за загревање на површина од 4.500 метри квадратни во повеќе објекти. Колкава ќе биде потрошувачката и пресметките за новото греење ќе се знае наредниот месец.

    Кумановската болница со гас ќе ја снабдува ЈП „Куманово-гас“, кое изгради дистрибутивна мрежа и приклучок до болницата. Болницата ќе биде нејзиниот најголем потрошувач на гас во градот, со што се очекува да подобри одржливоста на претпријатието.

    С. НИКОЛИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира