КУМАНОВСКИТЕ ПЕЧАЛБАРИ МАСОВНО ТУЖАТ И ЗЕМААТ ОТШТЕТА ОД СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ПСИХОФИЗИЧКИ ПОВРЕДИ ВО АМЕРИКАНСКИТЕ БАЗИ ИРАК И АВГАНИСТАН

    КУМАНОВСКИТЕ ПЕЧАЛБАРИ МАСОВНО ТУЖАТ И ЗЕМААТ ОТШТЕТА ОД СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ПСИХОФИЗИЧКИ ПОВРЕДИ ВО АМЕРИКАНСКИТЕ БАЗИ ИРАК И АВГАНИСТАН„Нашите сознанија говорат дека во моментот се водат над 700 активни предмети за надомест на штета“, вели адвокатот Христијан Георгиевски од адвокатската канцеларија „Георгиевски“. (Фото: СДК.МК)

    Кумановци земаат отштета од 40 до 300 илјади евра од американски осигурителни компании, поради задобиени физички или психички повреди на работа во американските бази во Ирак и Авганистан. Во моментот, пред американските судови се водат над илјада предмети, а само еден кумановски адвокат застапува над 200 работници, главно кумановци, но има клиенти и од Косово, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина. Иако не се знае точната бројка колку досега добиле оштета и колку во моментот чекаат разврска, сигурно е дека поранешни и сегашни работници масовно се тужат со компаниите и земаат големи пари.

    „Во изминативе години, многу кумановци работат во базите на Ирак или Авганистан или другите воени подрачја на Блискиот Исток. Како и на секое друго работно место, се повредуваат при извршување на работните задачи или се ранети од шрапнели или снајперски оган, при некое од воените дејствија во базите. Поради тоа, имаат право за надомест на штета од соодветните компании во коишто се осигурани. Сите кои работат во некоја американска фирма и плаќаат осигурување, бидејќи засновале работен однос на територијата на САД, сите права по тој работен однос ги остваруваат пред американските судови. Нашите сознанија говорат дека во моментот се водат над 700 активни предмети за надомест на штета“, вели адвокатот Христијан Георгиевски од адвокатската канцеларија „Георгиевски“.

    Георгиевски додава дека работниците кои со години се ангажирани во воената зона на кризните подрачја, реално се соочуваат со последици кои им го попречуваат нормалното функционирање и затоа добиваат високи оштети. Оние коишто имаат физичка повреда имаат поголем основ, додека за психичките проблеми шансите за добивање на предметот и оштетите се помали.

    „Оштетите обично се движат од 40 илјади евра минимална сума, до 300 илјади евра, кога се работи за сериозни повреди од огнено оружје. Во просек некаде, сите добри тужби за физички и психички повреди изнесуваат од 120 до 220 илјади долари. Не сите кои водат постапки добиваат оштета. За физичките повреди, како што е губење на прст на рака, се исплаќа фиксна сума што следува независно колку сте работеле и каде. Повисока оштета добиваат кога се работи за физички повреди во форма на изгубен прст, оштетување на рбетот, повреди на рацете, оштетен слух или вид. Ние имавме клиент што имаше изгубено прст на ногата, друг со шрапнели во пределот на рамото и вратот, потоа со повреди на главата задобиени под урнатини на објект по експлозија, додека психичките повреди најчесто се пострауматски стресни растројства, акутни стресни реакции, депресии, самоубиствени напади и слично“, вели Георгиевски.

    Најголем број работници кои бараат надомест работеле во големите бази, кои најчесто се цел на терористички напади на Блискиот Исток. Една од нив е базата Баграм во Авганистан, кај што имало најмногу ракетни напади и работниците добиле најмногу физички и психички проблеми.

    „Работев во неколку бази во Авганистан и во сите имаше гранатирања. При еден копнен напад, не успеав да побегнам во бункерот кога се огласија сирените, туку гранатите почнаа да паѓаат додека трчав. Тој ден беа убиени двајца мои колеги Авганистанци и повеќе ранети. Тоа беше голем шок и стрес за мене, од тогаш почнаа моите психолошки проблеми. Во 2019 година се вратив дома, со нарушено психичко здравје кое постојано се влошуваше. Имам нарушен слух, несоница, страв, депресија, променливо расположение, поради што редовно посетувам психијатар и психолог. Со посредник поведов постапка и верувам дека ќе добијам оштета“, вели еден кумановец, кој кажува дека само неговиот посреденик кој не е адвокат има 2.800 клиенти од земјава и соседните држави, кои се тужат и чекаат оштета, а дека такви застапници има повеќе во градот.

    Тужба за оштета можат да поднесат сите работници кои биле ангажирани во американските фирми ако повредата настанала на работното место, а не треба биде постара од 24 месеци.

    „За да се започне постапка, потребно е да се обезбедат медицински документи за физички и психички тегоби, проблеми, повреди или дијагнози. По увидот во документацијата им кажуваме на клинетите дали имаат основ за тужба или не. Ние досега сме ги добиле сите постапки. Ако еднаш е одбиена тужбата, таа не може да се повтори, што значи дека не може да се води двапати иста постапка. Правото на надомест на штета не е врзано со остварување на работниот однос, дел од работниците кои водат постапки сè уште се на работа во Ирак и Авганистан и тие немаат проблем со своите работодавачи поради тоа“, вели Георгиевски.

    Постапките се водат со заедничко созастапување со американски адвокати, поради физичката дистанца. Траат обично од 9 до 12 месеци, меѓутоа поради состојбата во САД и коронакризата тие се продолжиле од 15 до 18 месеци, но адвокатот вели дека нема правило, некои завршуваат само за неколку месеци, а други се влечат со години. Во одредени ситауција доаѓа и до спогодување во текот на постапката.

    Во изминатите дваесетина години, десетици илјади кумановци и кумановки работеа како логистичка поддршка на американската војска во базите во Ирак и Авганистан. Иако никогаш не се утврди нивниот точен број, голем дел од нив останаа на работа повеќе од десетина години, а оние кои добиваа откази бараа други фирми и начини повторно да се вратат. Никогаш јавно не се зборуваше во какви услови работат иако се знаеше дека не е безбедно, но висината на платите кои изнесуваа од 5.000 до 10.000 долари месечно во зависност од работното место, беа пресудни луѓето да не размислуваат за последиците. Во изминатите две децении Куманово живееше од парите на овие модерни печалбари, кои не се лесно заработени.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира