КУМАНОВСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ ЛАНИ СЕ СПРАВУВАЛЕ СО РЕКОРДЕН БРОЈ ПОЖАРИ, НО И СПАСУВАЛЕ ЖИВОТНИ

    КУМАНОВСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ ЛАНИ СЕ СПРАВУВАЛЕ СО РЕКОРДЕН БРОЈ ПОЖАРИ, НО И СПАСУВАЛЕ ЖИВОТНИОд Противпожарната единица во Куманово велат дека се релативно добро екипирани и опремени (Фото: СДК.МК)

    Територијалната противпожарна единица во Куманово минатата година имала 617 интервенции или во просек, 1,7 на ден. Најголем дел од нив биле на отворен простор – 411, од кои 304 во летниот период на стрништа и сува трева, кога ги имало и по десетина дневно.

    „Статистички гледано, ова е една од полошите години во последните 7-8 години. Има рапидно зголемување на бројката на запалени објекти во урбана средина, односно за 32 интервенции на годишно ниво, а големо зголемување бележиме и на запалени моторни возила. Во однос на 2018, лани имаше 80-ина пожари повеќе“, вели командирот Деан Илиевски.

    Тој додава дека најчести причини за пожар во објектите се неисчистените оџаци и старата и дотраена електрична инсталација, а кај моторните возила, нивната старост и големиот број на автомобили во градот.

    Кумановските пожарникари помагаат и за работи кои не се во описот на нивното работно место, па од хумани причини симнувале маче од дрво и ваделе куче од надојдена река.

    Од Противпожарната единица во Куманово велат дека се релативно добро екипирани со 49 пожарникари и располагаат со доволно опрема за да одговорат на сите предизвици. Најголем проблем им е недостаток на хидраулична корпа за гаснење пожари во висококатници, но тој проблем не можат да го решат со општината, бидејќи цената на специјалното возило изнесува 600.000 евра и очекуваат помош од државата.

    С. НИКОЛИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари