ЛЕКАРИТЕ ДА РАБОТАТ НА ВРАЌАЊЕ НА ДОВЕРБАТА ВО ВАКЦИНИТЕ, РЕКОА ПЕДИЈАТРИТЕ НА КОНГРЕСОТ ВО СТРУМИЦА

    ЛЕКАРИТЕ ДА РАБОТАТ НА ВРАЌАЊЕ НА ДОВЕРБАТА ВО ВАКЦИНИТЕ, РЕКОА ПЕДИЈАТРИТЕ НА КОНГРЕСОТ ВО СТРУМИЦАСо вакцинацијата се вложува во иднината на нашите деца, рекоa лекарите на конгресот на кој присуствуваа и директорот на ФЗОМ Даниел Дончев и проф. д-р Аспазија Софијанова, претседателка на Здружение на педијатри од Клиниката за детски болести (Фото: СДК.МК)

    Лекарите преку комуникациски вештини да ја вратат довербата кај родителите за значењето на редовната вакцинација, но и да се реализираат едукативни кампањи. Ова е еден од заклучоците на тридневниот конгрес на педијатри, што се одржа во Струмица и на кој учествуваа лекари од земјава и југоисточна Европа, во организација на Педијатриското здружение чијшто претседател е проф. д-р Аспазија Софијанова.

    „Вакцинацијата е една од најголемите придобивки на медицината, бидејќи со неа не само што спречуваме голем број инфективни болести, туку и болни деца, смртни случаи и појава на инвалидитет. Со вакцинацијата ние вложуваме во иднината на нашите деца. Мора да знаат родителите дека секоја вакцина е безбедна и секое дете што е вакцинирано е заштитено од инфективни болести“, кажа д-р Македонка Глигорова.

    На конгресот беше присутен и првиот човек на Светската асоцијација на педијатри Енвер Хасиоглу од Турција. Според него, педијатрите ја имаат клучната улога во имунизацијата, која претставува проблем во повеќе европски држави.

    ,,Како педијатри мора да работиме на подигнување на степенот на имунизација, бидејќи сведоци сме на епидемии од морбили во повеќе европски држави, па дури и во САД’’, рече Хасиоглу.

    Од 1 јули, во календарот за имунизација влегуваат две нови вакцини за бебињата и дечињата, за ротавирус и пневмокок.

    „Анализите покажуваат дека со воведување на ротавирус вакцината драстично или за деведесет отсто се намалува гастроентероколитот кај бебиња и мали деца, а пневмококната вакцина до деведесет отсто ги намалува инвазивните пневмококни болести, кои се тешки и бараат хоспитализација, а до шеесет отсто тешките пневмонии и аутити. Тие делуваат превентивно, што значи помалку антибиотици за децата“ , рече директорката на Клиниката за детски болести Катерина Ставриќ.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира