ЛЕКАРОТ ОД РЕСЕН КИРЕ ДОНOВСКИ ОД КОВИД-ЦЕНТАР ВО СКОПЈЕ ПРЕКУ ФЕЈСБУК МУ ГО ЧЕСТИТАШЕ РОДЕНДЕНОТ НА СИНОТ КОГО НЕ ГО ВИДЕЛ ЕДЕН МЕСЕЦ

    ЛЕКАРОТ ОД РЕСЕН КИРЕ ДОНOВСКИ ОД КОВИД-ЦЕНТАР ВО СКОПЈЕ ПРЕКУ ФЕЈСБУК МУ ГО ЧЕСТИТАШЕ РОДЕНДЕНОТ НА СИНОТ КОГО НЕ ГО ВИДЕЛ ЕДЕН МЕСЕЦКире Доновски вели дека лани направиле забава со 50 деца, но сега не е време за големи собирања. (Фото: Фејсбук)

    Место со кловнови и детска забава како лани, Кире Доновски, специјалист по интерна медицина од Ресен, оваа година му го честиташе роденденот на својот седумгодишен син Александар со честитка испишана на хартија и со фотографија од Ковид-центарот на Универзитетската клиника за уво, грло и нос во Скопје. Доновски мораше да го помине роденденот раздвоен од синот и семејството зашто веќе еден месец лекува пациенти со тешка и средно тешка здравствена состојба на оваа клиника во Скопје. Ова му е веќе трета ротација во Скопје годинава.

    „И ние, лекарите, сме луѓе со фамилии, деца и родендени, но во моментов сме се откажале од многу задоволства со семејствата во име на здравјето на народот. Лани славевме во изнајмено кафуле, со кловнови, поканивме 50 деца. Годинава му го честитав роденденот телефонски, но сакав и со фотографија преку Фејсбук, симболично со колегите. Не ми е лесно што сум раздвоен од децата и сопругата, но таква ни е професијата. Додека сме здрави и имаме поддршка од фамилиите, мислам дека можеме да се бориме и работиме“, рече Доновски, кој е вработен во болницата во Отешево.

    Тој е присутен во ковид-центрите на Клиниката од нивното отворање. Моментално лекуваат 42 пациенти со средна и тешка здравствена состојба. Згора на тоа, секој ден од 7 до 12 часот издвојува време телефонски да разговара со пациентите кои се со лесна клиничка слика и на домашно лекување. Вели, пациентите имаат мака, исплашени се за здравјето, па секоја консултација и совет се добредојдени.

    „На 12 декември ќе правам еден месец како не сум се видел со семејството. Работно сум ангажиран седум работни дена, па седум паузираме. За време на паузата стравувам да се вратам во Ресен, зашто и ние лекарите можеме да бидеме заразени, па да не однесеме нешто дома. Избегнувам јавен превоз и јавни собири, не пазарувам, освен на Клиниката и во хотелот каде што сме сместени. Никаде не излегувам за да не бидам јас фактор на ширење на инфекцијата“, додава докторот.

    За колегите вели кој се разболел од ковид-19, кој од друга болест, а оние кои се на работа се исцрпени и повеќето одвоени од семејствата, па затоа ги моли граѓаните да внимаваат на однесувањето.

    „Да бидеме внимателни. Се ближат новогодишни и божиќни празници и домашни слави, да се воздржиме максимално од групни собирања. Празниците да се прослават во кругот на семејството и максимално да се почитуваат мерките“, вели Доновски.

    Нагласува дека ќе биде меѓу првите доброволци во земјава кои ќе се вакцинираат.

    „Не можам да верувам дека пациенти кои дошле до кислородна поддршка уште веруваат во заговори дека не` прскале со авиони, не признаваат дека се болни, а по 24 часа умираат. Некои ми велат ‘вас ве плаќаат да кажувате дека сме болни од ковид-19’. Нема таква пара што може да ме натера на тоа“, вели Доновски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира