ЛЕНИН СЕГА ВЕЛИ ДЕКА АРСОВСКА Е ПСИХОПАТКА, А ВО ИЗБОРНАТА КАМПАЊАТА ЈА ВИКАШЕ ЖЕНА ТИТАН КОЈА ЈА НАПАЃААТ КЛЕТИ ЛУЃЕ И ИЗРОДИ

    ЛЕНИН СЕГА ВЕЛИ ДЕКА АРСОВСКА Е ПСИХОПАТКА, А ВО ИЗБОРНАТА КАМПАЊАТА ЈА ВИКАШЕ ЖЕНА ТИТАН КОЈА ЈА НАПАЃААТ КЛЕТИ ЛУЃЕ И ИЗРОДИСкопје веќе трет ден поради Арсовска и Јовановски е блокиран и парализиран. (Фото: К. Попов)

    Директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски, денеска најави дека лично се повлекува од протестите со кои приватните превозници го блокираат Скопје, и дека нив ќе ги тераат самите превозници бидејќи неговото име се употребувало во политички цели. Токму Ленин Јовановски во изборната кампања работеше на промоцијата на Данела Арсовска како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалничка на Скопје. По само една година од нејзиниот мандат, приватните превозници кои 30 години се дел од јавниот превоз во Скопје останаа без пари оти Арсовска не сака да им го плати долгот од 1,5 милион евра, исклучени се од превозот и сега го блокираат цело Скопје.

    САКАМДАКАЖАМ.МК го праша Јовановски дали чувствува некаква одговорност и дали смета дека и тој е виновен за ситуацијата во која се наоѓа сега градот, со оглед на тоа дека ги убедуваше граѓаните да гласаат за Арсовска и велеше „мојата желба и цел е модерно Скопје, а за тоа да стане реалност сега имаме една прекрасна жена, жена градоначалник, жена титан, која ќе ви покаже колку и што може да се направи за Скопје, без оглед колку злобно и неправедно беше напаѓана од клети луѓе и изроди“.

    Јовановски одговори дека нашето прашање е точно и многу му е жал што во кампањата ја фалел, ама бил излажан од неа, а такво нешто, вели тој, може да направи само психопат.

    „Мене ми е жал, ако нешто може да се поправи сакам да се извинам на целата јавност што ѝ ја дадов мојата максимална поддршка и што бев измамен од човек кој што многу перфидно умее да излаже, да заведе и да ти даде лажна надеж. Она што ми го збореше мене, Арсовска им го збореше и на овие луѓе. За жал, признавам дека сум изманипулиран и тоа на начин кој им поминува на психопатите. Психопатот многу умешно знае да ви се наметне, да ве излаже и да ве стави во своја функција сè до моментот додека му требате. Првиот момент кога застанав зад превозниците бев непријател на градоначалничката“, рече Јовановски.

    Скопје веќе трет ден поради Арсовска и Јовановски е блокиран и парализиран од 200 приватни автобуси кои ги заглавија трите клучни раскрсници во градот. Граѓаните со саати возат за да стасаат на работа, лекар или на училиште, автобусите на јавниот превоз кои и онака се ретки се заглавени во гужвите и нигде ги нема. На Арсовска ѝ е гајле за малтретирањето на граѓаните и хаосот во градот, се крие од јавноста и не одговара на телефонските повици и пораки. Денеска го испрати секретарот на Градот Зоран Глигоров да прочита  напишана изјава, кој потоа не сакаше да одговара на новинарските прашања и избега.

    Арсовска еднострано ги раскина договорите со приватните ревозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ и извесно е дека тие со нивните 200 автобуси ќе го блокираат Скопје се додека не им го исплати долгот од 1,5 милиони евра, а најавениот оглас за избор на нови превозници нема да ја тргне блокадата. Арсовска нема намера да им го плати долгот на превозниците и тоа јавно го кажа на говорницата во Советот на Град Скопје велејќи ‘тужете ме за долгот, не видов јас до сега дека сте пуштиле опомена пред тужба‘. Со тоа, Скопје ќе остане парализирано.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира