Не сообраќаат патничките возови на релацијата Скопје-Кочани-Скопје и Скопје-Кичево-Скопје, првиот месец и повеќе, вториот три седмици. Во текот на мај во два наврата се запали електрична локомотива која превезуваше патници на линијата Скопје-Гевгелија, а на 4 јуни се расипа локомотива среде Велес и дојде до застој на сообраќајот во градот, при што велешани со часови не можеа да минат од левата на десната страна на градот и обратно, па мораше да интервенира и полицијата.
Ова ја илустрира состојбата во која се наоѓа стариот и дотраен возен парк и со локомотиви и со патнички композиции на Македонски железници (МЖ) – Транспорт.
„Поради високите температури и густата вегетација по должината на пругата и фактот што при кочење на нашите превозни средства се јавува триење помеѓу две метални површини, се појавува искра, доаѓа до самозапалување на вегетацијата и на гумените елементи кои се наоѓаат на возните средства. Факт е дека возните средства се релативно стари, но постои редовно одржување на истите и тие по извршената секојдневна контрола се пуштаат во сообраќај“, велат од Македонски железници за тоа како се случува самозапалување на електричните локомотиви.
МВР за едниот од тие настани кој се случи на 15 мај, соопшти дека електричната локомотива се запалила на Железничката станица во Скопје. Второто самозапалување беше на 21 мај околу 09.25 часот, кога во полициската станица во Гевгелија било пријавено дека на железничката станица Смоквица се запалила локомотивата на патничкиот воз кој сообраќа на релација Скопје – Гевгелија. Од МЖ Транспорт велат дека кражба на железнички делови била причината за дефектот на 4 јули, кога се расипа електрична локомотива среде Велес по што се чекаше со часови друга локомотива која го повлече товарниот воз.
„За случајот во Велес, поради чести кражби во пратечката инсталацијата по должината на пругите во земјава, нема правилна информација за контрола на патните премини. Поради тоа според важечките железнички прописи, возот треба да застане и да се изврши обезбедување на патниот премин за да се продолжи со понатамошно возење на возот“, велат од МЖ Транспорт.
Патничките возови за Кочани и Кичево не возат оти се во дефект.
„Возните средства кои го извршуваат превозот на патници на дадените релации се во дефекти од поголем обем за кој е потребно подолго време за поправка на истите. Поседуваме возни средства со просечна старост преку 45 години и поради тоа кај нив се јавуваат чести дефекти. Се надеваме дека превозот кон дадените релации ќе започне нормално да се извршува на почетокот на следниот месец“, велат од МЖ Транспорт.
Во 2015, за потребите на МЖ Транспорт Владата набави шест патнички гарнитури од кинеско производство. Тие беа платени 25 милиони евра, преку кредит од ЕБОР.
П. ПЕЧКОВ