ЛУКРОВСКИ НЕ ПОДНЕЛ ОСТАВКА, ТУКУ Е НА БОЛЕДУВАЊЕ, ВЕЛАТ ОД ОПШТИНА КАРПОШ

    ЛУКРОВСКИ НЕ ПОДНЕЛ ОСТАВКА, ТУКУ Е НА БОЛЕДУВАЊЕ, ВЕЛАТ ОД ОПШТИНА КАРПОШЕксградоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, вели дека Лукровски не сака да раководи со Општината и место него, тоа го прават членови на ВМРО-ДПМНЕ. (Фото: Општина Карпош)

    Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, не поднел оставка, туку е на боледување и затоа надлежностите ги извршува членот на Советот, Неделчо Крстевски, велат од Општина Карпош. Крстевски, кој е член на Советот на Општина Карпош од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и беше портпарол на Град Скопје во мандатот на Коце Трајановски, е назначен за в. д. градоначалник на Општината.

    „Општина Карпош ги демантира наводите дека градоначалникот Сотир Лукровски има поднесено оставка. Тој во овој момент користи боледување и е привремено отсутен поради здравствени причини, за што замолуваме за разбирање. Уверуваме дека Општина Карпош продолжува да функционира непречено, со целосен капацитет и посветеност кон потребите на граѓаните. Согласно законските процедури, надлежностите привремено ќе ги извршува членот на Советот, Неделчо Крстевски“, кажаа од Општината.

    По назначувањето на Крстевски, ексградоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, вели дека Лукровски не сака да раководи со Општината и место него, тоа го прават членови на партијата.

    „Карпошани гласаа за градоначалник, а добија човек кој ниту сака, ниту може да ја води Општината. Еднаш му биле сложени процедурите. Другпат се плашел да потпишува. Третпат му било тешко да прима граѓани. Четврти пат не можел да ја сфати работата на Општината. Не може карпошани да гласаат за еден човек, а ВМРО-ДПМНЕ потоа да им поставува друг да ја води Општината. Не може избран градоначалник да се крие зад партиски заменик, зад адвокати, секретари, супервизори и партиски штабови, а одговорноста да исчезне како ништо да не било“, вели Јакимовски во неговата изјава испратена до медиумите.

    Лукровски го победи Јакимовски со 1.000 гласови повеќе во вториот круг на локалните избори кои се одржаа лани во октомври. Лукровски освои 13.265 гласови, а Јакимовски 12.178.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира