МАКЕДОНИЈА ЗА ПЕТ ГОДИНИ ЌЕ СТАНЕ СВЕТСКИ ПОЗНАТА ДЕСТИНАЦИЈА ЗА ВИНСКИ ТУРИЗАМ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА „ТИКВЕШ“ ВУКИЌЕВИЌ

    МАКЕДОНИЈА ЗА ПЕТ ГОДИНИ ЌЕ СТАНЕ СВЕТСКИ ПОЗНАТА ДЕСТИНАЦИЈА ЗА ВИНСКИ ТУРИЗАМ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА „ТИКВЕШ“ ВУКИЌЕВИЌГенералниот директор на „Тиквеш“ Радош Вукиќевиќ ја оцени годинашнава производствена сезона како успешна.

    За 15 отсто е зголемен бројот на вински туристи во винарската визба „Тиквеш”, споредено со минатата година, кажа денеска генералниот директор Радош Вукиќевиќ, во рамките на Фестивалот на младо вино кој традиционално го организира винарницата. Во присуство на голем број гости, се дегустираа вината од годинашнава производствена сезона, која директорот ја оцени за успешна.

    „Тоа е во сам зародиш, тој пазарен сегмент со инвестициите на ‘Тиквеш’ и другите винарии во винскиот туризам кои следат. Следната година сериозно ќе придонесеме за диференцирање на Македонија на светската туристичка мапа, односно Македонија за пет години ќе стане позната, тоа е нашата мисија, позната дестинација на светскиот туристички пазар токму преку виното“, рече тој.

    Тој вели дека „Тиквеш” секоја година има сè повеќе пријатели, сè повеќе лојални конзументи.

    „За таа цел, оваа година за нив подготвивме посебен поголем простор, се надевам дека ова ќе го следат и другите винарии и дека на иста дата ќе славиме денови на младо вино и со тоа ќе придонесеме за промоција не само на нашите корпоративни брендови, туку и на промоција на македонското вино генерално, затоа што на овој настан присуствуваат гости од целиот регион, па дури и од светот. Имаме новинари од Англија, од Америка и со тоа сериозно ќе се претставиме пред таргетираната винска публика на клучните пазари“ рече директорот.

    Притоа соопшти дека се дегустира и новата сорта на вино, „русан”, интернационална сорта која потекнува од Франција со тренд на раст на светскиот пазар и е одлучено да се воведе во асортиманот и да се претстави за првпат годинава. Потсети и дека ова беше една од најлошите берби во историјата на „Тиквеш”, на југоисточна Европа и генерално во светот познати вински региони, како Бордо, беа сериозно оштетени, и тоа влијаеше многу на помал принос од редовниот. Така набрани беа 45 проценти од вкупниот потенцијал на винско грозје.

    „Меѓутоа, таа природна редукција придонесе квалитетот сам по себе да биде исклучителен и ако на ова ги надополниме иновациите, инвестициите во опремата, оваа година сериозно ќе отстапува од сите досегашни и вината ќе бидат со најдобар квалитет досега“, вели Вукиќевиќ.

    Кажа и дека „Тиквеш” има сериозна експанзивна политика на продажби, не само тука, туку во регионот и пошироко.

    „Во моментов 40 отсто од продажбите се во Македонија, но интенцијата е односот на домашен во однос на странскиот пазар да биде 10-90 за некои 5 до 7 години и со тоа да ја придвижеме целата македонска винска индустрија, да бидеме еден од предводниците на нејзиниот развој“, додаде тој.

    С. ДАРУДОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира