МАКРАДУЛИ ЌЕ ФОРМИРА НАУЧНО СОВЕТОДАВНО ТЕЛО ЗА ПОДОБРА ЖИВОТНА СРЕДИНА

    МАКРАДУЛИ ЌЕ ФОРМИРА НАУЧНО СОВЕТОДАВНО ТЕЛО ЗА ПОДОБРА ЖИВОТНА СРЕДИНАПо изборите ќе се донесе Закон за такси на старите возила кои испуштаат штетни гасови, а ќе се формира и здружено научно советодавна тело од сите универзитети во државата, најави заменик-министерот за екологија Јани Макрадули на научната работилница во Штип (Фото: СДК.МК)

    Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули деновиве организира серија научни работилници на државните универзитети, за тие да се здружат во наоѓање научни решенија за намалување на загадувањето на воздухот.

    „Сакаме да ја институционализираме помошта од научните стручни кадри од универзитетите во државата. Намерата е, различните апликации што тие ги реализираат да ги ставиме на едно место. Очекувам поинтезивна соработка и меѓу самите универзитети на овој план и истовремено со Министерството за животна средина и просторно планирање“, рече Макрадули на работилница во Штип.

    Тој смета дека досега многу малку се користела научна фела од областа на екологијата, па намерата е во наредниот период научните решенија и методи уште повеќе да бидат прифатени и вклучени во зачувувањето на животната средина. Макрадули рече дека еко проектите што научниците веќе ги обработуваат и реализираат во својата научна работа ќе придонесат уште во наредната зима граѓаните однапред да знаат какво загадување ги очекува во наредните 4-5 дена.

    „Во рамките на Министерството за животна средина ќе се формира научно советодавно тело кое континуирано ќе работи, а методологиите и анализите што ги прават научните работниците во своите универзитети како нивен здружен систем да биде приклучен на државниот систем за следење на аерозагадувањето и справувањето со него“, рече Макрадули.

    Тој најави посебни такси за старите возила кои испуштаат штетни издувни гасови и очекува по изборите Парламентот да ги донесе измените на законите кои ја регулираат материјата на моторните возила и загадувањето што тие го создаваат. Таквата мерка ќе придонесе да се намали бројот на ваквите загадувачки возила, а да се зголеми бројот на новите еко возила.

    За дивите депонии Макрадули смета дека не смее да се дозволи неколку општини во државата кои имаат диви депонии да го спречуваат процесот за изградба на современи регионални депонии кои всушност можат од отпадот да произведуваат електрична енергија.

    Т. ЈОВАНОВСКИ 

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари