МАЛОВИШТА, СЕЛО СО РЕТКА УБАВИНА И УШТЕ ПОРЕТКИ ВЛАШКИ ПРЕЗИМИЊА

    МАЛОВИШТА, СЕЛО СО РЕТКА УБАВИНА И УШТЕ ПОРЕТКИ ВЛАШКИ ПРЕЗИМИЊАВо 1900 година Маловишта броело 4.200 жители, а денес останале одвај осумдесетина (Фото: СДК.МК)

    Тесен асфалтен пат со дупки, како да е еднонасочен, нè води до единственото село распослано во границите на националниот парк Пелистер. Маловишта, оддалечено на 20 километри од Битола, село со ретко име, кое според некои значи планина, а според други тешко видливо оти е скриено во бујна вегетација. Уште поретки се презимињата на семејства кои живеат или живееле овде.

    Споменик на поетот од 19 век Константин Белемаче, авторот на песната „Родителска порака“ прифатена за национална химна на Власите (Фиото: СДК.МК)

    Местото е идеално за истражувачите по антропономастика (наука за лични имиња и презимиња). Со векови па до денес Маловишта остана компактно, како што вели месното население, арм’нско село (влашко) во кое уште живеат Арм’ни (Власи) и каде до денес се зборува арм’нскиот јазик. Влашката заедница денеска го слави националниот ден – 23 Мај.

    Како што се редат куќите, така и оригиналните влашки презимиња. Првата е на семејството Зика, па Грамосли, Палигора, понатаму Динка, Метта, Цовару, Тотани, Чому, Пека, Перча, Пипа… На една од големите дрвени порти имаше некролог на 90-годишен маж со презиме Грамосли. Од внатре се појави средовечна жена која на влашки јазик го повика сопругот да ни раскаже за семејната лоза.

    Ова е едно од најживописните села во Битолско, неодамна прогласено за рурална споменична целина. Куќите на катови, збирни, со амфитеатрален распоред и тесни улички со калдрма. (Фото: СДК.МК)

    „Преку сто години го имаме тоа презиме. Кажуваше дедо ми дека семејството влече корени од планината Грамос, а тука се доселиле пред повеќе од еден век“, раскажа маловиштанецот.

    Според книгата „Моловиште“ на Нико Попникола, дел од жителите го носат презимето по местата од каде дошле, од градот Грамостеа во Грција, од Москополе во Албанија и други. Некои презимиња се добиени од зборови на влашки јазик. Во 1900 година селото броело 4.200 жители, а денес останале одвај осумдесетина.

    Презимето Дола е по местото е кај реката Шемница кај границата за Грција. Имав соседи Гашовци, Белемаче, Чумандра, вели Драгица Дола (Фото: СДК.МК)

    „Живеам сама, на кој како му е пишано. Од тука сум, од корен, прекорен, од прадедо, прабаба. Презимето Дола е по местото е кај реката Шемница кај границата за Грција. Имав соседи Гашовци, Белемаче, Чумандра. Константин Белемаче, голем поет беше. Живееше во 19 век и ја напиша песната ‘Родителска порака’, која од страна на сите Арм’ни е прифатена за национална химна. На сред село споменик му имаме подигнато“, ни рече Драгица Дола.

    Ова е едно од најживописните села во Битолско, неодамна прогласено за рурална споменична целина. Од архитектурата добивме чувство како да сме во гратче. Куќите на катови, збирни, со амфитеатрален распоред и тесни улички со калдрма.

    „Маловиште има автентична архитектура. Сите куќи биле изградени од камен со употреба на бондручна конструкција на ѕидовите на катовите, со исполна од дрвени трупци, плет од гранки, а некаде непечени тули. Градени на еден или два ката, покриени со камени плочи, покасно ќерамиди, а денес лим и други секундарно употребени материјали. Имале богато обработен ентериер со вградена покуќнина – сергени, долапи, полици, огништа и декоративно обработени дрвени таваници и други елементи“, вели Викторија Момева-Алтипармакова, етнолог-конзерватор во битолскиот Завод и музеј.

    Дури селото дочека државата да го заштити, неповратно се изгубија дел од камените куќи. Оние зачуваните ви го одземаат здивот, а другите распаднатите се како уста на штрбава баба.

    „Таму беше дуќанот за чевли, погоре фурната за леб и овде кафеана. Селото беше многу големо. Тука три пати пазар се правеше неделно, од околните села тука доаѓаа да пазаруваат. Сега оставме само стари, млади ретко има, а и старите еден по еден си заминуваат на гробишта. Старите куќи не се зачувани, и тие се бришат од лицето на селото“, вели вели 77-годишната Оливера Лицовска.

    Старите куќи не се зачувани, и тие се бришат од лицето на селото“, вели вели 77-годишната Оливера Лицовска (Фото: СДК.МК)

    Жителите живеат со мислите во минатото кога селото било многу богато. Мажите правеле дулумиња (облека) од штоф, а жените бунди. Чеизот бил од свилени ткаенини, девојките носеле позлатени гердани, немало жена без свилена марама, невеста без накит и сребро, старица без кожни чевли, куќа без килими.

    Градителското наследство во селото е во лоша состојба, со исклучок на црквата ‘Св. Петка’. Во автентичното ‘урбано’ ткиво на селото почнуваат да се градат нови објекти кои не се во хармонија со наследената градителска традиција и го девалвираат традиционалниот рурален амбиент. (Фото: СДК.МК)

    „Градителското наследство во селото е во лоша состојба, со исклучок на црквата ‘Св. Петка’. Во автентичното ‘урбано’ ткиво на селото почнуваат да се градат нови објекти кои не се во хармонија со наследената градителска традиција и го девалвираат традиционалниот рурален амбиент. Наспроти сета запоставеност на традиционалната селска архитектура поради старост, напуштање или неодржување на објектите, селото ја има сочувано својата автентичност со сите архитектонски, етнографски, духовни и културни карактеристики кои го издвојуваат од останатите села во Потпелистерието “, вели Момева-Алтипармакова.

    Сега е последениот воз државата да вложи пари за зачувување на овој рурален бисер на Пелистер , оригинален по својата етнологија, култура, архитектура. (Фото: СДК.МК)

    Сега е последениот воз државата да вложи пари за зачувување на овој рурален бисер на Пелистер , оригинален по својата етнологија, култура, архитектура. Секое одлагање ќе значи губење на дел од неповторливиот изглед на Маловиште. И онака жителите реагираат дека во националниот парк пред влезот на селото, во еколошка средина во 2015 власта дозволила да се изградат две мали хидроцентрали на реката Шемница.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира