Марко Пејчиноски, кој лани на 28 август со некроза на ногата ја преплива патеката од Свети Наум до Охрид, најави нов подвиг за празникот Голема Богородица, кога ќе плива од Охрид до Свети Наум, па преку Струга назад до Охрид.
„Конечно сакам и јас нешто да објавам на мојата фан страница. После испливани преку 1.000 километри, напорни тренинзи, нервози, пречки, ветришта, бранови, дожд, ладно и топло време, официјално кажувам дека на празникот Голема Богородица ќе пливам од Охрид до Свети Наум, па преку Струга назад до Охрид. Се гледаме на целта. Господ да ни поможит, мене и на сите”, напиша Марко на својата Фејсбук страница.
Марко има некроза на еден дел на коската на ногата како резултат на пореметување на крвотокот во тој дел од ногата. Тоа доведува и до проблеми со моториката. Тој во пливањето повеќе ги користи рацете отколку нозете и знае како да го синхронизира тоа.
Д. ЧУБРИЌ