МАРКО ПЕЈЧИНОВСКИ, КОЈ ГО ПРЕПЛИВА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО СО НЕКРОЗА НА НОГАТА, СТАНА ЗАСЛУЖЕН ГРАЃАНИН НА ОХРИД

    МАРКО ПЕЈЧИНОВСКИ, КОЈ ГО ПРЕПЛИВА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО СО НЕКРОЗА НА НОГАТА, СТАНА ЗАСЛУЖЕН ГРАЃАНИН НА ОХРИДМарко Пејчиновски на крајот на август изведе вистински подвиг кога за девет часа преплива од Свети Наум до градското пристаниште (Фото: СДК.МК)

    Дванаесетгодишниот Марко Пејчиновски од Охрид, кој на 28 август го преплива Охридското Езеро иако има некроза на ногата, е добитник на годинашната Климентова повелба, која градот ја доделува на заслужни граѓани, потврдија од кабинетот на охридскиот градоначалник.

    „Слушнав дека на мојот син му е доделена Свети Климентовата повелба. Не знам кој го предложил за ова високо признание, но не потекна од нас. Признанието е големо и значајно. Можам да ви кажам дека Марко и натаму тренира пливање“, изјави неговиот татко Тони Пејчиновски.

    Марко на крајот на август изведе вистински подвиг кога го преплива Охридското Езеро, од Свети Наум до градското пристаниште. Патеката ја преплива за околу девет часа, а бидејќи има некроза на ногата, најмногу ги користеше рацете. Малиот Пејчиновски тогаш изјави дека плива оти сака да оздрави кога ќе порасне.

    „Марко има некроза на еден дел на коската на ногата како резултат на пореметување на крвотокот. Тоа доведува и до проблеми со моториката. Тој во пливањето повеќе ги користи рацете отколку нозете и знае како да го синхронизира тоа. Јас немам видено таква волја. Кога ќе заврши периодот на неговиот раст, со мала интервенција, тој ќе биде целосно здраво дете”, вели познатиот уролог, д-р Горан Балевски, кој беше во екипата која го следеше подвигот на Марко.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира