Десетина приватни ординации на матични лекари кои работат под кирија во простории на Здравствен дом-Велес, добиле неколкукратно повисоки сметки за струја, и велат дека тоа ќе биде проблем за нивното редовно работење. Со истиот проблем се судриле и десетина приватни стоматолози од Велес, кои работат во простории кои се под концесија од Здравствен дом-Велес. И нивните сметки за струја биле повисоки, некаде двојно некаде и повеќе пати, во зависност на што се грееле.
„Сметката за струја од две-три илјади скокна на 30-40, а кај некои и до 50 илјади денари. Со овие средства кои ги добиваме од капитацијата невозможно е таа да се подмири. Концесија за простории, плати за вработени, обезбедување ампули, телефон и интернет – имаме бројни давачки, а ограничени средства кои ги добиваме. Може за еден месец да платиме, но за следните нема да можеме. Дали треба ординациите под клуч да одат?“, велат засегнатите велешките матични лекари.
Од Здравствен дом-Велес, кој ги дава ординациите под концесија, велат дека причината за зголемените сметки за струја е тоа што универзалниот снабдувач со струја еднострано го раскинал договорот, а треба време да се покрене постапка за избор на нов снабдувач. Директорката д-р Виолета Петкова, која на оваа функција е од пред нова година, вели дека и таа била изненадена кога ги добила новите, далеку повисоки сметки за струја.
„Еднострано бил раскинат договорот од страна на универзалниот снабдувач на струја и интервентно на пазарот е купувано електрична енергија. Таа, знаете, е далеку поскапа од редовната. И ние како институција добивме висока сметка. Бараме излез од состојбата“, вели директорката Петкова.
Сметката за струјакоја оваа институција ја добила е 800 илјади денари, а претходно плаќале по сто илјади.
Претседателката на Здружението на приватни лекари (ЗПЛМ) д-р Лили Чолакова-Дервишова вели дека проблемот е сериозен и е заканува за здравениот систем во градот.
„Засега, реакциите се само од Велес, од други градови немам добиено поплака. Затоа ќе барам средба со новиот министер за здравство и со директорот на Фондот за здравство, бидејќи може да се случи пациентите да останат без матичен лекар. Не е само овој проблем, имаме многу што да си кажеме“, рече д-р Чолакова-Дервишова.
Таа додава дека вредноста на капитацијата е 63 денари од пациент, била покачена во 2018 и повеќе не може да се покријат сите трошоци за работа.
П. ПЕЧКОВ