МАТКА ПРИПАЃА НА СИТЕ ГРАЃАНИ, ИЗЈАВАТА НА БЕЏЕТИ ЗА РЕФЕРЕНДУМ Е ЕВТИНО ПОЛИТИКАНСТВО, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ

    МАТКА ПРИПАЃА НА СИТЕ ГРАЃАНИ, ИЗЈАВАТА НА БЕЏЕТИ ЗА РЕФЕРЕНДУМ Е ЕВТИНО ПОЛИТИКАНСТВО, ВЕЛИ ШИЛЕГОВРешението за кое јас се залагам е Градот Општината и државата да управуваат со кањонот Матка. Законско решение на кое работиме е да биде заштитена и да не зависи ниту од волјата на градоначалникот на Скопје ниту на градоначалникот на Сарај и да биде институционално заштитенa како природно богатство.(Фото: СДК.МК)

    Скопскиот градоначалник Петре Шилегов вели дека не може Општина Сарај да распишува референдум околу ингеренциите за кањонот Матка, бидејќи тоа е природно богатство кое припаѓа на сите граѓани. Откако денес градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети најави дека ќе распише референдум ако Владата им ги одземе надлежностите за Матка, Шилегов вели дека со кањонот треба да управуваат сите, Општината, Градот и државата.

    „За мене ова е евтино политиканство. Матка е природно богатство и природните богатства припаѓаат на сите граѓани. Решението за кое јас се залагам е Градот, Општината и државата да управуваат со кањонот Матка. Законското решение на кое работиме е да биде заштитена и да не зависи ниту од волјата на градоначалникот на Скопје ниту на градоначалникот на Сарај и да биде институционално заштитено како природно богатство. Не можете да ги монополизирате работите, замислите јас да распишам референдум за реката Вардар или градоначалникот на Гостивар тоа да го направи бидејќи изворот е не неговата територија. Тоа е ресурс кој припаѓа на сите“, рече Шилегов.

    Во однос на изјавата на Беџети дека Шилегов барал од него да се урне само една платформа, тој вели дека побарал да биде урната платформата која почна да се гради годинава, а за која градоначалникот Беџети тврдеше дека постоела долги години наназад и дека се врши реконструкција.

    „Реакциите на скопјани беа токму за таа платформа, за која сега гледаме дека се збогатила со маси. Побарав од него предметната платформа да се урне. Тој изјави дека и останатите платформи се дивоградби. Тогаш како градоначалник на Скопје изреагирав како сите скопјани, дека таа е нова платформа и не требаше да се дозволи. Како нешто што почнало да се гради годинава, започнало да се легализира пред 1,5 година е нешто што треба да одговори Беџети“, додава Шилегов.

    САКАМДАКАЖАМ.МК на 11 февруари годинава објави дека на Матка никна нова дива платформа од железна конструкција, меѓу карпите, над езерото. Оттогаш сите институции го повикаа градоначалникот Блерим Беџети да ја урне платформата, но тој не постапува оти било поднесено барање за легализација и уште не е завршен предметот.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари