МЕСТО НА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИИ, ДАНЕЛА НА ФЕЈСБУК ОБЈАВИ ДЕКА ПОЧНАЛА ИЗГРАДБА НА БУЛЕВАРОТ ЉУБЉАНСКА КОН БАРДОВЦИ И КРУЖЕН ТЕК ЗА ПОДЗЕМНАТА УЛИЦА КАЈ БИХАЌКА

    МЕСТО НА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИИ, ДАНЕЛА НА ФЕЈСБУК ОБЈАВИ ДЕКА ПОЧНАЛА ИЗГРАДБА НА БУЛЕВАРОТ ЉУБЉАНСКА КОН БАРДОВЦИ И КРУЖЕН ТЕК ЗА ПОДЗЕМНАТА УЛИЦА КАЈ БИХАЌКАВо своите објави на Фејсбук Арсовска не кажува колку пари чинат проектите, кој ќе ги изведува и во кој рок ќе заврши изградбата. (Фото: Фејсбук)

    Градоначалничката Данела Арсовска за ниту еден проект кој го реализира Град Скопје со пари од граѓаните не свикува прес-конференции за да го образложи проектот, а новинарите да можат да постават прашања. Таа само објавува на својот фејсбук профил, со куси информации за проектот и фотографии снимени од нејзиниот фотограф.

    Во понеделникот и вчера, Арсовска објави дека почнува изградбата на две сообраќајници кои се меѓу капиталните проекти за градот Скопје. Станува збор за булеварот Љубљанска, кој преку мостот кој го гради Владата ќе продолжи до улицата Скупи односно ќе се поврзе со Бардовци. Вториот проект е кружен тек кај подвозникот на улица Бихаќка односно станува збор за еден од трите кружни текови кои треба да овозможат влез и излез за подземната сообраќајница која ја гради „Лимак“ на Јужен булевар.

    Во своите фејсбук објави Арсовска не кажува колку пари чинат проектите, кој ќе ги изведува и во кој рок треба да заврши изградбата.

    На страната на Бирото за јавни набавки објавени се двата договори за изградба на овие сообраќајници. Кружниот тек кај Бихаќка ќе чини 780.000 евра, а според договорот треба да биде изграден во рок од една година. На тендерот кој го објавил Градот стигнале 11 понуди, а како најповолна е избрана понудата од Друштво за градежништво, транспорт, трговија и услуги „ЈУ-БАЈ 2 Амет“ ДООЕЛ од село Бојане, Скопје.

    Изградбата на булеварот Љубљанска чини 812.000 евра, а ќе го гради фирмата „Бауер“. На тендерот стигнале седум понуди. Фирмата „Бауер“ пред еден месец го доби од Град Скопје и милионскиот тендер за изградба на клучката на булевар Словенија. Тендерот е во висина од 7,7 милиони евра. Станува збор за истата фирма која градоначалничката Данела Арсовска еден месец по стапување на функцијата, во декември 2021, ја казни со 88.000 евра за загадување на Скопје.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира