МЕТАЛНИ САНДАЦИ ВО КОИ СЕ СТАВААТ ПОЧИНАТИ ОД КОВИД-19 ОТВОРЕНИ И ФРЛЕНИ НА ДИВА ДЕПОНИЈА КАЈ ГРАДСКИТЕ ГРОБИШТА ВО ГОСТИВАР

    МЕТАЛНИ САНДАЦИ ВО КОИ СЕ СТАВААТ ПОЧИНАТИ ОД КОВИД-19 ОТВОРЕНИ И ФРЛЕНИ НА ДИВА ДЕПОНИЈА КАЈ ГРАДСКИТЕ ГРОБИШТА ВО ГОСТИВАРНа дива депонија веднаш до гробиштата во Гостивар вчера биле фрлени 3-4 мртовечки сандаци, а во нив имало метални сандаци во кои се положуваат телата на починати од ковид-19 во болнички услови. (Фото: Гостиварпрес)

    Жителите на Гостивар кои вчера отишле на градските гробишта виделе застрашувачка глетка. На дива депонија веднаш до гробиштата биле фрлени 3-4 мртовечки сандаци, а во нив имало метални сандаци во кои се положуваат телата на починати од ковид-19 во болнички услови. Овие фотографии се појавија на социјалните мрежи, а исто така се појави и видеоснимка снимена кај депонијата Русино, на која исто така се гледа еден ваков сандак. Вакви сандаци имало и на депонијата на патот меѓу селата Форино и Чегране.

    Доцна попладнево сандаците ги снема од депонијата до гробиштата.

    Засега од надлежните институции како ни од гостиварски Комуналец нема никаква информација кој ги фрлил сандаците и кој бил донесен во нив. Се стравува дека ова се сандаци во кои биле починати од ковид-19, а кои починале во болнички услови но, роднините на починатиот ги отварале металните сандаци за да го погребаат починатиот според муслиманските верски обреди. Од ИВЗ велат дека тоа е малку веројатно, но дека исто така е можно тоа да се сандаци од починати во странство кои се транспортираат во метален ковчег.

    „Отварање на метален сандак во кој е починат од заразна болест е недопустливо и ако ова навистина се случило, мора за вакво нешто да интервенира МВР, јавен обвинител, а можеби и од судска медицина за да се утврди преку ДНК анализа дали во сандакот бил починат од ковид-19 и кој бил тоа“, вели д-р Ирина Сотирова-Бухова, директорка на Државен здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ), која најави дека утре ќе го испитуваат случајот.

    Од Исламската верска заедница велат дека и покрај строгите верски обичаи поврзани со закопувањето на починатите, кога станува збор за лица заболени од заразни болести, а со тоа и од ковид-19, правилата строго се почитуваат.

    „Кај нас никогаш не се случило кога ќе дојде починат со ковид-19 да се отвара металниот сандак. Со ваквите сандаци доаѓа и специјална екипа од Скопје од болницата, која и го транспортира телото со нивен транспорт и тие се присутни на закопот сè додека сандакот не се стави во земја. За тоа што се случило во Гостивар немаме информации. Може да бидат и шпекулации. Но сепак, треба да се знае дека можеби станува збор и за лица кои се починати во странство, а кои според меѓународните правила за транспорт на починати лица, мора да бидат во метален сандак. Ако тие лица не починале од заразна болест туку од некоја друга причина, тогаш семејството може да го отвори сандакот и да го погреба по муслиманските обичаи ако тие обичаи не се примениле во земјата каде лицето починало. Бидејќи починатиот се погребува само завиткан во бел чаршав, семејството после погребот најчесто го фрла таквиот сандак. Можно е и за ова да станува збор во Гостивар но, во секој случај треба надлежните да ја испитаат работата“, ни изјави Џемил Мемети од тетовското Муфтиство на ИВЗ.

    З. АНДОНОВ


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира