Граѓани заедно со неколку граѓанска иницијативи денеска протестираа против спорната 17-катница која почнува да се гради среде болничкиот комплекс на Воена болница во Скопје. Рекоа дека дозволата за оваа градба е дадена мафијашки и го повикаа Министерството за култура да го поништи позитивното конзерваторско мислење.
„Позитивното конзерваторско мислење е издадено на криминален начин. Директорот кој го потпиша сега е во притвор поради злосторничко здружување и уривање на заштитениот хотел „Шар“. Ние уште пред два месеца побаравме Министерството за култура да го поништи конзерваторското мислење, но сите молчат и дозволуваат да се издаде градежна дозвола и да се почне со градба“, кажа Невена Ѓорѓиевска од советничката група „Независни за Карпош“.
Протестот е инициран откако градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски ја потпиша градежната дозвола за изградба на зграда со 2.000 жители и најмалку 1.000 коли. Дозволата од 1 февруари, е правосилна и градежникот „ЗСФ Ком“ веќе на терен се подготвува за почеток на градба. Поставена е табла со информации за градбата и одобрението за градење, ограден е просторот и секојдневно се носи градежна механизација.
Од Општина Карпош по протестот рекоа изградбата на 17-катницата среде болнички комлекс е „капитална инвестиција во станбена изградба во вредност од 50 милиони евра“ која ја овозможиле градоначалникот Јакимовски и општинската администрација.
„Оваа инвестиција ќе ја зголеми понудата на станови во општината, ќе влијае на стабилизација на цената, и во исто време ќе обезбеди повеќе од 2.000 работни места“, соопшти Општина Карпош.
Парцелата каде ќе никне зградата се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, сегашната ГОБ „8 Септември“, која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. Според Законот за заштита на културно наследство, за да може да се гради каков било објект и да се добие градежна дозвола од Општина Карпош, урбанистичкиот проект треба да го одобри Конзерваторскиот центар.
Од институцијата најпрво имаше негативно конзерваторско мислење, но тогашниот директор Константин Димитровски не го потпиша. Потоа Димитровски потпиша ново, позитивно мислење, со кое се дозволи градба до Воена болница со што Општина Карпош може да даде градежна дозвола. Димитровски само неколку дена подоцна беше приведен за уривањето на хотел „Шар“ во Скопската стара чаршија.
Во соседството на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје не смее да има големи и високи објекти оти станува збор за болнички комплекс и нема да може да слетуваат хеликоптери. На просторот кај поранешна Воена болница има простор за слетување на воздухоплови во итни медицински случаи, и ако се изгради планираната зграда на 17 ката која е во непосредна близина на болницата, тие нема да може безбедно да слетуваат и полетуваат. Воена болница, меѓу другото, е одредена како Единица за прва реакција за НАТО силите во Косово и со оглед на тоа што во кругот на болницата има терен за итни медицински случаи, а во кругот е и поранешниот Воено-медицински центар што сега го користи Министерството за одбрана.
Деталениот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт 3 05 е донесен во 2013, во претходниот мандат на градоначалникот Стевчо Јакимовски. Во него на две катастарски парцели е вцртана една градежна парцела со број 6.1, на која е предвиден објект со намена А2 – домување во станбени згради, со приземје, 26 ката и поткровје и висина од 88 метри.
А. АНТЕВСКА