МИЦКОСКИ НАЈАВИ ИСТРАГА ЗА ОБВИНИТЕЛОТ ОД БИТОЛА КОЈ ДОЗВОЛИЛ ДА МУ БИДЕ ВРАТЕН ПАСОШОТ НА МАРКОВСКИ И ГО НАРЕЧЕ НЕГОВ СОУЧЕСНИК

    МИЦКОСКИ НАЈАВИ ИСТРАГА ЗА ОБВИНИТЕЛОТ ОД БИТОЛА КОЈ ДОЗВОЛИЛ ДА МУ БИДЕ ВРАТЕН ПАСОШОТ НА МАРКОВСКИ И ГО НАРЕЧЕ НЕГОВ СОУЧЕСНИК„Допрва ќе следи истрага за овој случај, затоа што од страна на надлежното Основно јавно обвинителство имаме поинаков извештај од тој што е приложен на Вишото јавно обвинителство во Битола. Ова нема така да заврши, лично јас ви гарантирам и лично ќе го следам тој процес“, рече Мицкоски денеска во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Христијан Мицкоски најави истрага поврзана со обвинител од Вишото јавно обвинителство во Битола, кој дозволил да му биде вратен пасошот на бизнисменот Борче Марковски, осомничен заедно со уште седум лица и неговата фирма „Марковски компани“ за злоупотреби при тендери во РЕК, вредни 1,7 милиони евра.

    Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали се работи за обвинителот Пеце Визироски, кој раководи со Вишото јавно обвинителство во Битола, рече дека нема да шпекулира со имиња.

    „Тука има груба манипулација од еден локален јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство, кој е соучесник во овој процес. И тоа нема така да заврши. Не би сакал да шпекулирам со имиња. Допрва ќе следи истрага за овој случај, затоа што од страна на надлежното Основно јавно обвинителство имаме поинаков извештај од тој што е приложен на Вишото јавно обвинителство во Битола. Ова нема така да заврши, лично јас ви гарантирам и лично ќе го следам тој процес“, изјави Мицкоски при денешната посета на Битола.

    Марковски на 29 јули преку граничниот премин „Табановце“ отпатувал во Србија, откако претходно Основниот суд во Струга му го вратил пасошот по приложена гаранција од над пет милиони евра. При преминувањето на границата, Марковски бил задржан на полициска проверка, но потоа му било дозволено да ја напушти државата, бидејќи во системот немало активна мерка што го спречува да ја напушти земјата.

    Со тоа Марковски, против кого се води судска постапка за злоупотреби при тендери и за кого е закажано рочиште на 2 септември 2026, легално ја напуштил Македонија преку граничен премин.

    Неговиот адвокат Марјан Николоски вчера изјави дека бизнисменот не побегнал, туку е на работен состанок во неговата компанија во Србија и дека ќе се врати во Македонија на 1 август.

    Претходно, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга, на 15 јуни 2026 , дал негативно мислење за барањето на одбраната на Марковски за враќање на пасошот. Откако одбраната поднела ново барање, обвинителот го реферирал предметот до Вишото јавно обвинителство Битола. Оттаму, вишиот јавен обвинител побарал да се даде позитивно мислење, односно да се уважи предлогот на одбраната за враќање на привремено одземената патна исправа.

    „Како аргументи за ваквата одлука, Вишиот јавен обвинител изнесува став дека со определената гаранција се исклучени околностите кои укажуваат на опасност од бегство на обвинетиот. Воедно, се прифаќаат аргументите на одбраната дека обвинетиот поседува фирма во Србија, чие работење е сериозно доведено во прашање, и дека постои можност да биде нанесена ненадоместлива штета доколку тој во најкраток можен рок не отпатува таму за да потпише документација во врска со работењето на фирмата. Сите аспекти на ваквата одлука и соодветната аргументација ќе бидат испитани. Во моментов, не може да се смета дека обвинетиот е во бегство и тој има обврска да се јавува пред судот“, соопштија од Јавното обвинителство.

    Марковски, како сопственик на „Марковски компани“, е меѓу осумте обвинети физички лица, додека неговата компанија „Марковски компани“, како правно лице, е опфатена во постапката за злоупотреби при тендери за дислокација на погонските станици од рудникот „Осломеј“ во рудниците во Битола, во вредност од 1,7 милиони евра.

    Марковски беше уапсен во октомври 2025, а од притвор беше пуштен во јануари 2026 година со гаранција во износ од 303.879.265 денари, односно околу 4,9 милиони евра, во недвижен и подвижен имот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира