МИЦКОСКИ ПРВО НЕКА ГО ВРАТИ ИМЕТО НА ДРЖАВАТА КАКО ШТО ВЕТИ, ПА ПОСЛЕ НЕКА ГО ЧИСТИ СКОПСКОТО ЃУБРЕ, ВЕЛИ АРСОВСКА ОТКАКО ВМРО РЕЧЕ ДЕКА ТАА ВО ГЛАВАТА ИМА САМО ТЕНДЕРИ

    МИЦКОСКИ ПРВО НЕКА ГО ВРАТИ ИМЕТО НА ДРЖАВАТА КАКО ШТО ВЕТИ, ПА ПОСЛЕ НЕКА ГО ЧИСТИ СКОПСКОТО ЃУБРЕ, ВЕЛИ АРСОВСКА ОТКАКО ВМРО РЕЧЕ ДЕКА ТАА ВО ГЛАВАТА ИМА САМО ТЕНДЕРИМицкоски на предизборните митинзи во 2021 ја фалеше Арсовска, велеше дека на главниот град му треба жена менаџерка и дека со неа доаѓаат подобри времиња за Скопје; - Од прославата пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ по изборите во 2021. (Фото: ВМРО-ДПМНЕ)

    Градоначалничката Данела Арсовска го повика премиерот Христијан Мицкоски прво да го поништи Преспанскиот договор и да го врати името на државата како што ветуваше додека беше во опозиција, па после да зборува за скопските проблеми.  Претходно денеска, ВМРО-ДПМНЕ рече дека „Арсовска нема ништо во главата освен тендери. Откако ги ограби ЈСП ‘Комунална хигиена’ и другите претпријатија, сега ги пушта низ вода, а Скопје го остава целосно нефункционално“.

    Откако вчера Мицкоски кажа дека Град Скопје на чело со Арсовска, која беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на изборите, не личи на главен град на земја-членка на НАТО и најави дека ќе ѝ одземе ингеренции, Арсовска денеска му одговори дека нема кредибилетет да зборува за кадровска политика. Особено не, вели Арсовска, откако назначи бивш затвореник за заменик-директор на затвор и назначи главен ревизор за ЕУ фондови, па го разреши за неколку дена.

    „Мицковски нема кредибилитет да зборува за ветувања, особено не откако го призна Преспанскиот договор за реалност, иако три години ветуваше дека кога ќе дојде на власт ќе го врати името. Мицкоски повеќе од 2 години е власт во градот Скопје, а сега и во Македонија, затоа наместо да нарачува и да се крие позади партиски соопштенија полни со клевети, уште еднаш го повикуваме да престане со две ипол годишната деструктивна политика на целосна блокада на главниот град преку неговите управни одбори и советници. Ако толку се грижи за градот и за скопјани, на следниот совет наредбата наместо да се блокира да биде да гласаат за спроведување на проектите кои Арсовска и Мицковски заедно ги ветија на граѓаните“, вели Арсовска.

    Скопските градоначалници денеска договорија да се одземат ингеренциите на Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска за чистење на градот и да се предадат на Општините, по што сега Владата на наредна седница треба да ги одземе ингеренциите на ЈП „Комунална Хигиена“ и „Паркови и зеленило“, а потоа ќе назначи владин повереник кој ќе ги управува претпријатијата односно ќе го спроведе процесот за нивно расформирање и поделба на Општините.

    ГРАД СКОПЈЕ ГО ПОВИКА ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ ДА ГИ ВРАЗУМИ СВОИТЕ СОВЕТНИЦИ И ДА ПРЕЗЕМЕ ОДГОВОРНОСТ ЗА ЛОШИТЕ СОСТОЈБИ ВО ГРАДОТ

    Данела Арсовска стана градоначалничка на Скопје во 2021 година како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ,  а беше поддржана и од Алијанса за Албанците. Тогаш Мицкоски на предизборните митинзи ја фалеше Арсовска, велеше дека на главниот град му треба жена менаџерка и дека со Арсовска доаѓаат подобри времиња за Скопје.

    После 10 месеци откако Арсовска стапи на функцијата се скараа со Мицкоски и оттогаш постојано се препукуваат и се обвинуваат за криминали и местење тендери. ВМРО-ДПМНЕ во Советот не ги гласа програмите за работа, но нивни членови сè уште се дел од управните одбори на јавните претпријатија и установи.

    Арсовска, пак, откако се искара со Мицкоски не комуницира со никого во јавноста, не дава извештаи за своето работење, не е достапна за ниту еден медиум, ниту пак за останатите советнички групи во Советот на Град Скопје. Цел нејзин мандат од речиси три години буквално никој не знае што се работи во Градот и како се трошат буџетските пари.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира