Уште на самиот влез во Кочани каде се наоѓа дискотеката „Плус“ каде ноќеска во пожар загинаа 59 лица, има насобран народ, сите ожалостени и во молк. Во кругот на дискотеката присутни беа противпожарни возила кои заедно со обвнителството и полицијата работат на утврдување на причините за избувнување на пожарот.
Загинатите се на возраст од 14 до 25 години, од Скопје, Штип, Кочани, Пробиштип, а меѓу нив и полицаец од Пробиштип кој бил на должност. Од 59-те починати идентификувани се 35 лица, од кои 31 лице е од Кочани, а 4 од Штип. Повредени се 152 лица кои се хоспитализирани различни здравствени установи низ државата. Од нив 18 се во критична состојба.
Сите пристапи до дискотеката беа блокирани и забранети од полицијата која го обезбдува местото додека се врши увидот. Дискотеката можеше да се види од далеку од дворот на соседниот објект, каде чуварот со солзи во очите зборуваше за трагедијата.
„Некаде пред три часот се слушна голема галама, извици за помош и кога излегов во дворот глетката беше страотна. Млади деца паѓаа и се онесвестуваа, некои се бореа за воздух и повраќаа, други бараа вода, па јас постојано им носев вода во шишиња. Пристигнуваа и блиски на децата кои веднаш ги качуваа во колите и се упатуваа кон Штип или кон Скопје“, вели чуварот.
Дискотеката „Пулс“ е сместена во приземна куќа со еден прозорец на кој има решетки, и еден мал влез-излез. Таа е во улица со густо наредени куќи.
Колега на чуварот од објектот од спротива вели дека дискотеката не била во подрум, туку на само едно ниво. Обично таваните ги прават со стиропор кој брзо гори и создава чад, Но, мисли дека најголем проблем бил тоа што доскотеката била преполнета. Она што го дознал чуварот од младите кои се спасиле е дека внатре можеби имало и 1.500 посетители, далеку повеќе од максмалниот дозволен капацитет за такви објекти.
Најголемиот број биле на возраст од околу 20 години, но имало и помлади. Најмногу имало од Кочани и соседните кочански села, но голем број имало и од Штип и останатите соседни градови.
„Погледнето го паркингот овде, полн е со автомобили. Тоа се автомобили кои се паркираа синоќа кога започнуваше забавата и сега се оставени тука најверојатно затоа што младите сопственици и возачи биле однесени во некоја од болниците, во Кочани, Штип и секако во Скопје“ велат чуварите.
На другата страна од градот, пред Кочанската болница се слушаше плач и лелек пред влезот каде имаше насобрано стотина луѓе, родители и блиски на повредените или починатите. Од болницата поради зафатеност со укажување помош немаше кој да даде информации. Роднини на децата велат дека Кочанската болница повеќе нема места за хоспитализирање, а починатите биле носени во модуларната болница која се наоѓа во кругот на болницата. Најверојатно ќе им се врши обдукција и утврдување на нивниот идентитет по што ќе бидат предадени на семејствата. Голем број повредени со амбулантски возила биле пренесени во Скопје и во Штипската болница, која исто така за Кочани упатила повеќе амбуланстски возила за хоспитализација во Штип.
И пред Штипската болница е насобран народ од повеќе места. На секоја минута пристигнува амбуланстко возило. Насобраните луѓе велат дека во Штипската болница биле хоспитализирани над 60 повредени од кои голем број млади луѓе од Штип кои биле ноќеска во дискотеката во Кочани.
Поради големата трагедија Општина Штип ги одложи сите настани закажани за утре и наредните неколку дена.
- ИМАШЕ ЕКСПЛОЗИЈА, ПАДНА ТАВАНОТ И СИТЕ БРЗАВМЕ ДА ИЗЛЕЗЕМЕ ОД ЕДИНСТВЕНАТА ВРАТА, ВЕЛИ 20-ГОДИШНО МОМЧЕ ЗА ПОЖАРОТ ВО ДИСКОТЕКАТА ВО КОЧАНИ
- ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КОЧАНИ ПАПАЗОВ НЕ Е МЕЃУ ПРИВЕДЕНИТЕ, НА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА ЌЕ КАЖЕ ДАЛИ ЌЕ СИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ПО ПОЖАРОТ ВО ДИСКОТЕКАТА СО 51 ЖРТВА
- ПРИВЕДЕНИ СЕ ТИЕ ШТО ТРЕБА, НЕ МОЖЕ НИКОЈ ДА ИЗБЕГА, ИСТРАГАТА ЌЕ БИДЕ БРЗА, КАЖА ОБВИНИТЕЛОТ КОЦЕВСКИ ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА СО 51 ЖРТВА
Т. ЈОВАНОВСКИ