МЛАДИТЕ БИТОЛСКИ ИНОВАТОРИ ПРЕТСТАВИЈА ИЗУМИ ЗА ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ НА ЕНЕРГИЈА

    МЛАДИТЕ БИТОЛСКИ ИНОВАТОРИ ПРЕТСТАВИЈА ИЗУМИ ЗА ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ НА ЕНЕРГИЈАИзумите на битолските ученици-истражувачи беа презентирани во библиотеката „Св. Климент Охридски“ (Фото: СДК.МК)

    Паметни венецијанерки кои сончевата енергија ја претвораат во електрична, електронски сончоглед кој помага да се зголеми коефицинетот на искористување на сончевата енергија, интерактивни карти за потенцијалот што го поседува Битола за обновливи извори, филтри за училници, па дури и машина „Чистко“.

    Ова се изумите на битолските ученици-истражувачи изготвени заедно со нивните наставници-ментори, а потпомогнати од Фондот за иновации и технолошки развој. Овие оригинални проекти беа презентирани на едно место, во битолската библиотека „Св. Климент Охридски“ по повод месецот на науката.

    Михаил Јанакиевски со својот електричен сончоглед (Фото: СДК.МК)

    Од паметните венецијанерки веќе е изработена макета која свети и покажува дека сончевата енергија ја претвора во електрична. Учениците сакаат со нив да опремат барем една училница.

    „Идејата беше да се најде начин да заштедиме на сметките за електрична енергија, а во исто време и да влијаеме врз намалувањето на глобалното затоплување. На пример, навечер да користиме енергија од нив“, рекоа учениците Андреј Јовановски и Христијан Николовски од основното училиште „Даме Груев“.

    Паметни венецијанерки ја претвораат сончевата енергија во електрична (Фото: СДК.МК)

    Ученикот Михаил Јанакиевски, чиј ментор е наставничката Валентина Степановска-Андонова, како и за паметните венецијанерки, овојпат изработи електронски сончоглед. Присутните имаа можност да видат како се движи во зависност од изворот на светлина.

    Ученици од основното училиште „Климент Охридски“ изготвија идејно решение за машина наречена „Нашиот чистко“, со која на лесен и забавен начин ќе ја одржуваат хигиената во училницата. Поттикнати се од јапонскиот модел на чистење, каде децата од најрана возраст се вклучени во чистењето на своите простории, а машината веќе се изработува во соработка со Фабриката за опрема и делови од Битола.

    Ученици од ОУ „Тодор Ангелевски“ го истражуваа потенцијалот на Битола за обновливи извори на енергија (Фото: СДК.МК)

    Ученици од ОУ „Тодор Ангелевски“, предводени од наставничките Тодорка Цилева и Гордана Богоевска, изработуваат интерактивна карта за потенцијалот на Битола за обновливи извори.

    „Ќе се прибираат и обработуваат податоци за атмосферските елементи, како брзина на ветер, сончеви часови и друго. Пет месеци ќе се следат и ќе се добијат податоци за потенцијалот кој ќе биде претставен на Гугл мапс. Ќе се задржиме на индустриски објекти, установи, болницата, Општината и ќе испитаме дали тие потрошувачи имаат потенцијал да инвестираат во обновливи извори на енергија“, рекоа менторките и учениците.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира