МЛАДИТЕ ЈА ОЖИВЕАЈА ФОТО-АРХИВАТА СТАРА ЕДЕН ВЕК НА ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ ВО БИТОЛА

    МЛАДИТЕ ЈА ОЖИВЕАЈА ФОТО-АРХИВАТА СТАРА ЕДЕН ВЕК НА ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ ВО БИТОЛАВо Офицерскиот дом ќе бидат претставени дигиталните фотографии и промотивни видеа, изработени од млади автори инспирирани од фото-архивата за овој автентичен архитектонски бисер на Битола, како и од фотографските записи на браќата Јанаки и Милтон Манаки. (Фото: ФлатФорм)

    Фотографии за Офицерскиот дом во Битола стари повеќе од еден век, извадени од архивските фиоки, ќе добијат нов живот. На 28 октомври, во 19:30 часот, во Офицерскиот дом ќе бидат претставени дигиталните фотографии и промотивни видеа, изработени од млади автори инспирирани од фото-архивата за овој автентичен архитектонски бисер на Битола, како и од фотографските записи на браќата Јанаки и Милтон Манаки.

    Ова е завршниот настан на проектот „Офицерски дом – Резонантна меморија на градот Битола“, на кој ќе бидат претставени резултатите од работилниците со млади учесници од Битола. Во рамките на работилниците, младите се запознаа со визуелната историја на Офицерскиот дом, процесот на создавање аналогни фотографии, дигиталното архивирање и обновувањето на старите снимки, како и со можностите за нивна обработка со современи дигитални алатки.

    Проектот ја поврзува архивската историја на еден од препознатливите објекти во Битола со современите креативни технологии, со цел да поттикне нови начини на интерпретација на локалното културно наследство и да создаде аудиовизуелни содржини за негова промоција и поголема видливост во културната и туристичката понуда на градот.

    Влезот на настанот е слободен, а организаторите ја покануваат јавноста да ја открие историјата на Офицерскиот дом преку архивските фотографии и творечката перспектива на младите.

    Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам, а го реализира „ФлатФорм филм“ во соработка со ЦЕРИ Битола, КИЦ Битола и битолското Одделение на Државниот архив.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира