„МОРА ДА ГО СОПРЕМЕ РУДНИКОТ ПРЕД ДА НЀ СОТРЕ“, ЕКО-АКТИВИСТИТЕ В САБОТА ЌЕ ЈА БЛОКИРААТ СТРУМИЦА

    „МОРА ДА ГО СОПРЕМЕ РУДНИКОТ ПРЕД ДА НЀ СОТРЕ“, ЕКО-АКТИВИСТИТЕ В САБОТА ЌЕ ЈА БЛОКИРААТ СТРУМИЦАЕко-активистите в сабота во 11 часот ќе го блокираат центарот на Струмица со протетс против отворање на рудникот Иловица-Штука. (Фото: СДК.МК)

    „Парче своина, од дедовци и прадедовци, која давала и ќе дава живот“, „Мора да го сопреме пред да нè сотре“, „Животот на струмичката котлина зависи од тебе“, се само дел од повиците со кои еко-активистите од Струмичкиот Регион се организираат и в сабота ќе излезат на протест против рудникот за бакар и злато кај Иловица. Револтот и незадоволството произлезе откако Владата во јуни донесе одлука за спојување на две концесии за експлоатација на бакар и злато на планината Огражден на „Еуромакс рисорсис“ на која претходно не ѝ даде дозвола. Владата одлуката ја донесе на 27 јуни, откако Управниот суд ја уважи жалбата на канадската компанија „Еуромакс“ на владината одлука за раскинување на договорот за една од концесиите за екплоатација на руда.

    Концесиите се наоѓаат на териториите на Општините Босилово и Ново Село. Според активистите, ова значи дека се отвораат вратите за можнa изградба на рудникот Иловица-Штука.

    „Ова што се случуваше изминатите 7 години и она што ќе се случува во следните месеци е само рефлексија и одговор на севкупната состојба во државата која целосно се распаѓа во морето на криминал и корупција и за која одговорност пред сè имаат политичките елити на секое ниво! Принудени сме да се браниме со сите расположливи средства и методи, затоа што во Македонија веќе подолго време не постои правен систем кој треба и мора да ги заштити граѓаните токму од вакви тешки злоупотреби на манипулативни и бескрупулозни функционери кои се целосно распуштени и без контрола, опиени од моќта поради контролата која ја имаат врз механизмите на власта“, соопштија од „Здрава котлина“ коe в сабота во 11 часот организира блокада на централното градско подрачје во Струмица.

    Тие се посебно гневни што Владата која на своја рака донела одлука за спојување на двете концесии.  Управниот суд ја уважи тужбата на „Еуромакс“ против владината одлука за раскинување на Договорот за една од концесиите, но според активистите против рудници, предлогот да се спојат двете концесии бил отфрлен.

    „Се потврдува корумпираноста на нашите судови и желбата на одредени политичари да профитираат. Управниот суд не го одобри барањето на тужителот компанијата да се спојат двете концесии, но Владата го направи тоа што е криминогено и ќе следат судски постапки против Владата, бидејќи таа нема ингеренции да го стори тоа ако судот не донесе таква одлука“, вели еко-активистот Стојан Велков-Трн.

    Активистите од „Здрава котлина“ сметаат дека состојбите со рудникот за бакар и злато се забрзала во корист на „Еуромакс“, откако во оваа компанија како акционер влезе Назиф Дестани близок на ДУИ, преку холандската „НД Груп“ која е основач на тетовската компанија „Еколог“. Тој инвестираше околу три милион евра и купи околу 25 одсто од акциите на „Еуромакс“. Со овој потег престана и судската пинг-понг партијата меѓу Управниот и Вишиот управен суд.

    На протестот во Струмица учество најавија и активисти против рудници од Гевгелија, Богданци, Валандово. Тие заедно со струмичките со години водат битка против отворање рудници во Југоистокот кој е пред сè земјоделски регион. Сите тие сметаат дека рудникот ќе ја уништи Струмичката котлина која дава живот за илјадници и илјадници граѓани. Паралелно, ако се дозволи на Огражден, стравуваат дека сценариото може да се повтори и во нивните општини.

    „Рудникот на смртта Иловица-Штука е зло кое мора да биде запрано и тука сите сме на јасно, освен оние што имаат намера да профитираат врз маката на сите жители во Југоисточна Македонија. Под опасност ќе биде земјиштето, водата, едноставно – животот“, сметаат активистите.

    Миниситерството за економија соопшти дека нема да даде Дозвола за експлоатација за отворање рудник без исполнување на највисоките станадарди за заштита на животната средина и здравјето на луѓето кои претходно ќе бидат консултирани и сослушани за овој проект.

    Владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски на седница во 2014 година донела одлука да се издаваат концесии за проспекциски геолошки истражувања за металични минерални суровини речиси за цела источна Македонија. Во одлуката објавена во Службен весник на 30 септември, 2014 и потпишана од тогашниот вицепремиер Владимир Пешевски, стои дека Владата дозволува да се прават истражувања за отворање рудници во дури 22 општини од Источна Македонија.

    На 6 март 2017, Пешевски како технички вицепремиер, на бизнис форум во Торонто пред околу 100 потенцијални инвеститори од рударскиот сектор ги презентираше можностите за отварање рудници во Македонија.Според тогашната одлука, предмет за доделување концесии за вршење на проспекциски геолошки истражувања се два простора.

    Во првиот спаѓаат општините Делчево, Пехчево, Берово, Радовиш, Штип, Карбинци, Чешиново-Облешево, Зрновци, Виница и Македонска Каменица, додека за простор два се општините Радовиш, Василево, Струмица, Дојран, Валандово, Богданци, Гевгелија, Кавадарци, Неготино, Градско, Демир Капија и Конче.

    Според Регистерот на склучени договори за концесја на детални геолошки истражувања од 5 април, 2016, кој стои на вебстраната на Министерството за економија, случени се 43 договори, од кои 18 се за металични минерални суровини, бакар, злато, сребро, олово, цинк, молибден, хром и јаглен.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира