Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски тврди дека Управниот суд им наложил да постапат мериторно за случајот со хотелот кај Лагадин, со што тој сега може да се гради. Тој денес на прес-конференција кажа дека Општина Охрид ако сака може да обезбеди дополнителни аргументи врз основа на кои ќе се поништи одобрението за градба, но се незаинтересирани и тоа не го прават.
„Управниот суд во 2022 година носи пресуда од 10 страни со детални насоки дека по поднесените докази од Општина Охрид одобрението не може да биде огласено за ништовно. Во истата пресуда Управниот суд го задолжува Министерството за транспорт и врски да постапи мериторно и дава можност на Општина Охрид да ја прегледа повторно постапката за издавање на одобрение за градење и доколку има друг основ, да го огласи за ништовно одобрението за градење. Овде јасно се гледа незаинтересираноста на Општината да го разработи детално целиот предмет и да додаде дополнителни аргументи за поништување на одобрението, туку напротив само го потврдува претходното спротивно на насоките од Управен суд“, рече Бочварски.
Бочварски кажа дека во Министерството влегла управна инспекција и со решение го опоменала лично како министер задолжително да донесат мериторна одлука.
„Министерство за транспорт и врски после задолженијата од Управен суд и управната инспекција носи решение со кое на општина Охрид и укажуваме дека по тој основ не може да го поништи одобрението за градење. Министерството за транспорт и врски не го потврди одобрението за градење на тој објект. Затоа и укажавме на Општина Охрид по било кој друг основ да ја разгледа постапката за издавање на одобрението за градење и прибавената документација. Исто така, сакам да потенцирам дека комисијата за УНЕСКО дава препорака на Општина Охрид да го преиспита одобрението за градење, во делот на целата постапка и нејасно е зошто Општина по 6 години од издавање на одобрението за градење не сака повторно да ја разгледа целата постапка, бидејќи се работи за објект од втора категорија во надлежност на Општина Охрид“, рече Бочварски.
Градоначалникот Кирил Пецаков денеска на прес-конференција кажа дека тој и Општината не можат повеќе ништо да направат кога Министерството за транспорт и врски кој е повисок орган, носи одлука која е крајна за поништување на ништовноста за одобрението за градба.
А. АНТЕВСКА