МОСТОТ ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ Е ЦЕЛ КРПЕНИЦИ, ШИЛЕГОВ ВЕЛИ ЌЕ СЕ САНИРА КОГА ЌЕ СЕ ВОВЕДЕ АВТОБУСКОТО МЕТРО

    МОСТОТ ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ Е ЦЕЛ КРПЕНИЦИ, ШИЛЕГОВ ВЕЛИ ЌЕ СЕ САНИРА КОГА ЌЕ СЕ ВОВЕДЕ АВТОБУСКОТО МЕТРОПостојано се отвораат нови дупки не само на коловозот туку и на пешачката патека. (Фото: СДК.МК)

    Мостот Обединети нации кој ги поврзува населбите Влае и Карпош 4 е цел крпеници и потреба му е итна санација. Постојано се отвораат нови дупки не само на коловозот, туку и на пешачката и велосипедската патека. Пред два дена дупките кои зјаеа на асфалтот на коловозот беа закрпени од екипи на ЈП „Улици и патишта“. Оградата на мостот е стара, рѓосана и на некои делови оштетена.

    Професорот Горан Марковски од Катедрата за бетонски конструкции и мостови на Градежниот факултет пред две години за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека мостовите во Скопје не се во таква критична состојба за да стравуваме од поголеми хаварии или нивно ненадејно уривање, но вакви важни инфраструктурни објекти треба да бидат под постојан стручен надзор, подложени на соодветни контроли и перманентна грижа. Марковски посочи дека токму мостот Обединети нации има потреба од поправка и санација поради дотраеност на некои од неговите елементи.

    Иако на мостот му е потребна итна реконструкција како што тоа беше направено на мостот Гоце Делчев, тој со години не е чепнат. Град Скопје пред две години во рамките на реконструкцијата на сообраќајниците низ градот го реновираше булеварот Партизански одреди од Влае до Карпош 2. Но, мостот не беше саниран.

    Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов вели дека за да не се прават двојни трошоци, мостот Обединети нации ќе се реновира кога ќе се воведе новиот јавен превоз во градот или автобуското метро.

    „Во Град Скопје во тек е изработка на идејно-сообраќајно решение за ‘Бас рапид транзит‘ кој како коридор ќе го користи и мостот Обединети нации. Тоа подразбира дека откако ќе започнеме со негова реализација, кон крајот на оваа година неминовно ќе биде да се изврши и целосна реконструкција на постојниот мост или изградба на нов мост, што ќе зависи од усвоеното сообраќајно решение како и финансиските средства со кои располага Градот. Во меѓувреме, екипите на Град Скопје вршат постојан надзор и санација на евентуалните оштетени делови. Мостот е под перменентен надзор, а анализите кои ги правиме покажуваат дека е стабилен“, вели Шилегов.

    Мостот Обединети нации е со дожина од 98 метри и широчина 13,4 метри. Две ленти од мостот биле изградени уште пред катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Сегашната форма ја добил во средината на 1960-те години, кога се градел булеварот Партизански одреди. Официјално мостот е пуштен во употреба во 1967 година.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира