МВР НИТУ ЕДНАШ НЕ ПОБАРАЛА СНИМКИ ОД АВТОБУСИТЕ НА ЈСП „СКОПЈЕ“ ДА ГИ ОТКРИЕ ЏЕПЧИИТЕ

    МВР НИТУ ЕДНАШ НЕ ПОБАРАЛА СНИМКИ ОД АВТОБУСИТЕ НА ЈСП „СКОПЈЕ“ ДА ГИ ОТКРИЕ ЏЕПЧИИТЕМВР во изминативе шест месеци само еднаш побарала преглед на материјалот од камерите во конкретен автобус. Но, барањето било поради инцидент во автобус, а не поради пријава на кражба за да спроведат истрага.(Фото: СДК.МК)

    Министерството за внатрешни работи ниту еднаш не побарало од ЈСП„Скопје“ снимки од камерите во автобусите, по пријава на граѓаните за кражба.

    Од јавното сообраќајно претпријатие велат дека согласно статистиката на внатрешната контрола, во изминативе шест месеци МВР само еднаш побарало преглед на материјалот од камерите во конкретен автобус. Но, барањето било поради инцидент во автобус, а не поради пријава на кражба за да спроведат истрага по зачестените пријави за кражби во јавниот превоз.

    „Камери се поставени во 50 двокатни автобуси и од нив 70 отсто се во функција“, додаваат од претпријатието.

    Секојдневно паричници и телефони се крадат од чантите на патниците во автобусите на ЈСП „Скопје“ и приватните превозници. Но, најмногу пријави во полициските станици во Скопје има во вторник и во петок, кога поради бесплатниот превоз за пензионери, автобусите се преполни. Крадците ја користат гужвата и незабележливо од чантите на патниците крадат паричници, телефони и други вредни предмети.

    Според податоците на ЈСП„Скопје“ од октомври 2017 до ноември 2018 година издадени се речиси 80.000 билети за возрасни лица. Во просек месечно, 14.000 од посочениот тип билети се заверуваат со доплатен билет од 300 денари со кој лицата имаат право на бесплатно возење секој ден. Од ЈСП„Скопје“ велат дека за евентуални измени на одлуката за бесплатен превоз на пензинери поради честите поплаки од граѓани за големите гужви во вторник и петок, одлучува Советот на Град Скопје.

    Од Министерството за внатрешни работи, вчера ни изјавија дека не знаат колку кражби во автобус се пријавени досега, бидејќи во Кривичниот законик не било регулирано кривично дело ситна кражба, туку постои дело кражба. Ниту пак во официјалната статистика што ја прават имаат посебни категории за кражба во автобус или на улици и во парк, туку сите пријави од граѓани било да е во дом, автомобил, автобус се регистрираат под кривично дело кражба. Од таму не одговорија на нашето прашање колку сторители досега се фатени и санкционирани.

    Според статистиката на МВР од јануари до октомври годинава регистрирани се вкупно 2.237 кражби.

    А.АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира