МВР ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ САМКА ИБРАИМОСКИ ЗА ЗАКАНА КОН СУДИЈА НА УСТАВЕН СУД

    МВР ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ САМКА ИБРАИМОСКИ ЗА ЗАКАНА КОН СУДИЈА НА УСТАВЕН СУДСамка Ибраимовски вчера на прес-конференција во Тетово, негираше дека упатувал закани кон судија на Уставниот суд, велејќи дека само пренесувал реакции испратени од негови следбеници. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска поднело кривична пријава против Самка Ибраимоски, претседател на политичката партија ПЦЕР и поранешен пратеник, поради закани кон судија на Уставен суд искажани преку социјална мрежа.

    „Расчистен случајот со закани кон судија од Уставен суд, поднесена кривична пријава. Министерството за внатрешни работи целосно го расчисти случајот пријавен до Секторот за компјутерски криминал на 24.06.2024 од страна на претседателот на Уставниот суд Д. К., кој пријави закани по животот и безбедноста на судија на Уставен суд упатени од С. И. преку социјална мрежа. Веднаш по добиената пријава, МВР презеде соодветни мерки и беше извршен службен разговор со С. И. во СВР Тетово. Денеска (26.06.2024) Секторот за компјутерски криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против С. И. (69) за сторено кривично дело ‘Загрозување на сигурноста’ чл.144 ст.5 предвидено и казниво според Кривичниот законик. Пријавениот С. И. на својот фејсбук профил упатил сериозни закани и повици за насилство кон судија на Уставниот суд“, се вели во соопштението на МВР.

    Самка Ибраимоски вчера на прес-конференција во Тетово, негираше дека упатувал закани кон судија на Уставниот суд, велејќи дека само пренесувал реакции испратени од негови следбеници на неговиот профил на една социјална мрежа, а кои се однесувале на иницијативата за повторно преиспитување на Законот за облигациони односи со кој се менува времетраењето на застареност на долговите на лицата кон доверителите. Уставниот суд пред неколку дена одлучи да поведе постапка и донесе времена мерка за извршување на оспорените законски одредби.

    „Јас поставив само едно прашање – што ако настанат убиства? Го пренесов гласот на народот она што ми пишуваат мене во инбокс, каде што кажуваат: ‘ќе земам пиштол’ и ‘ќе отепам некого’ или ‘јас ќе се отепам’. Тоа е мое едно поставено прашање, кој ќе одговара за настанати убиства ако се случат, никакви посебни закани не сум имал кон судиите. Не сум им се заканил ниту на Ана Павловска-Данева ниту на претседателот на судот“, рече Ибраимоски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира