На 200 локации низ Скопје ќе се поставуваат камери кои ќе снимаат комунални прекршоци односно уништување на урбана опрема, фрлање ѓубре и создавање диви депонии. Како што рече градоначалникот Орце Ѓорѓиевски се чека финално одобрување од Агенцијата за заштита на личните податоци, за да може камерите да се постават.
„Повеќе од 200 камери ќе поставиме на критични точки низ Град Скопје. Ќе бидат опфатени места каде што се создаваат депонии и паркови кои постојано се под удар. Град Скопје не е на Орце, ниту на некоја политичка партија. Градот е на сите скопјани и како што си го чуваме својот дом, така треба да си го чуваме и градот“, вели Ѓорѓиевски.
Градоначалникот како пример ја посочи фонтаната „Лотос“ во Градскиот парк која неодамна беше реновирана и вандализирањето на клупите околу неа.
„Ја обновивме по толку години, прекрасно изгледа и тоа е еден од препознатливите белези на Град Скопје. Откако ја обновивме, трипати досега со графити ги исцртуваат клупите што постојано ги бојадисуваме“, додаде Ѓорѓиевски.
Општина Кавадарци во 2019, согласно важечката законска регулатива, изврши обележување со известување за вршење на видеонадзор на сите локации каде се поставени камерите во рамките на повикувачкиот центар.
„Општиот криминал во Кавадарци е опаднат за 100 проценти откако се поставени 300 безбедносни камери низ градот. Второ, криминалот од сторители од други градови е опаднат за над 80 отсто. Тука спаѓаат пред сè провалните кражби по станови, куќи, коли, викендички и друг вид криминалитет. Натаму, ефикасноста во откривањето на кривичните дела со помош на поставените камери е зголемена од 30 отсто пред поставувањето, на сегашни 75 отсто“, рече градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, во чиј мандат е инсталиран системот со безбедносни камери во градот.
А. АНТЕВСКА



