Од март нема да може кој каде сака да поставува мобилни штандови во Градскиот парк за продажба на пијалоци и храна. Во првиот и вториот дел од паркот ќе биде одредена 21 локација на која ќе можат да работат мобилните продавачи.
Од Град Скопје велат дека на овој начин ќе се воведе ред за локациите и површината на која ќе може да работат мобилните продавачи, по реакциите на посетители дека се узурпираат патеките во стариот дел на Градски парк со натрупување на подвижни приколки.
„Заинтересираните продавачи може да аплицираат за поставување урбана опрема на 21 локација во двата дела во Градскиот парк. Максималната површина која можат да ја зафаќаат е 16 метри квадратни. Изгледот на подвижните објекти и апарати не треба да го нарушува амбиентот на градски парк и да немаат негативни еколошки влијанија врз околината. Сопствениците ќе бидат обврзани отпадот да го фрлаат во посебни корпи за отпад, а не во кантите што се поставени во паркот, со што ќе се подобри хигиената во паркот. Исто така, со одобренијата ќе биде регулирано работното време, дотурот на роба и не треба да содржат озвучување и слични системи за пуштање музика“, велат од Град Скопје.
Локациите ќе се даваат на користење за периодот од први март до 30 ноември во тековната година. За користење на јавната површина сопствениците плаќаат комунална такса на Градот.
А. АНТЕВСКА