НА 23 АПРИЛ ГЕВГЕЛИЈА НА РЕФЕРЕНДУМ ЗА ИЛИ ПРОТИВ РУДНИЦИ ЗА ЗЛАТО НА КОЖУФ

    НА 23 АПРИЛ ГЕВГЕЛИЈА НА РЕФЕРЕНДУМ ЗА ИЛИ ПРОТИВ РУДНИЦИ ЗА ЗЛАТО НА КОЖУФ„Замислете само која прашина ќе ја има овде ако има рудници, а Кожуф од Гевгелија е на пет километри. Не сакаме ни да помислиме за процесот на лужење. Ни се заканува огромна еколошка катастрофа“, велат од „Спас за Гевгелија“ (Фото: СДК.МК)

    По барање на ДИК , гевгелиските советници доцна синоќа на вонредна седница го утврдија терминот за одржување на Референдумот за  изградба на рудници на планината Кожуф.  Тие одлучија на 23 април околу  19.300 граѓанина од оваа Општина на  38 избирачки места да се изјаснат дали се за или против издавање дозвола за експлоатација на злато од две локации на Кожуф . Референдумот ќе го реализира Општинската изборна комисија која во наредниов период треба да ги изготви потребните списоци и гласачки ливчиња.

    Со оглед на донесената одлука за референдум од Советот на општина Гевгелија од 15 март, ДИК побара советниците да го утврдат терминот бидејќи законската регулатива ги притиска со роковите. Законот предвидува референдум на локално ниво да се спроведе не помалку од 25 ниту повеќе од 40 дена од донесената одлука. Освен за терминот, синоќа советниците одлучиле Општината да го информира локалното население преку соопштенија, плакати,  флаери и брошури  за референдумското прашање за да истиот биде  успешен.

    Бидејќи немаше утврден термин, ниту граѓанската иницијатива Спас за Гевгелија не ја започна теренската кампања иако преку социјалните мрежи секојдневно пласираат видео клипови за опасноста  од овие инвестиции.  Нивни членови од денеска ќе одат од врата на врата за да го информираат населението за штетноста од отварање на рудници за злато на Кожуф.  Според нив, ако се дозволи експлоатација на бакар и злато од Кожуф ќе треба да се исели населениeто од општината која е позната по туризам и земјоделство

    „Долгорочно ќе биде уништен шумскиот фонд, ќе биде загадена почвата, водите, бидејки со процесот на лужење ќе се користат хемикалии што се опасни по животната средина. Кожуф нема да биде тоа што е досега со своите познати туристички локалитети и нема да биде  белите дробови на Гевгелија.  Едноставно, отварање на рудници над кај селата Моин и Коњско  на површини од речиси 3000 хектари ќе значи уништување на природата, туризмот и земјоделството  во гевгелиско“, велат од граѓанската иницијатива Спас за Гевгелија.

    Фирмите кои се заинтересирани за ископ откриле огромни количини на злато и бакар на Кожуф.  Тие од  надлежните бараат  концесија за експлоатација. Станува збор за „Минерал ресервоарс Македонија“ и „Интернешенал мајнинг компани“ и двете од Скопје, фирми ќерки на канадски компании кои се занимаваат со експлоатација на минерални суровини. Првата е заинтересирана за ископ на злато на локалитетот Коњско во срцето на Кожуф , втората пак за локалитетот Коњска Река над селото Моин.  Нивни преставници тврдат дека  максимално ќе се трудат да ја заштитат животната средина и ќе се користи најсовремена технологија. Од нивното работење ќе имало корист локалното население преку вработување. Засега нема одговор дали и тие ќе излезат на терен со кампања за да ги убедат гевгеличани да се изјаснат позитивно за отварање рудници.

    Референдумот за да биде успешен во Гевгелија треба да излезат 50 одсто плус еден од запишаните грагани во единствениот избирачки список за оваа Општина, што значи повеќе од 9.650 граѓани.

    В. ТРАЈКОВ

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари