НА ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ИМ ТРЕБА ПОВЕЌЕ ОД ЕДЕН ЧАС ФИСКУЛТУРА НЕДЕЛНО, БАРААТ РОДИТЕЛИТЕ ВО ТЕТОВО

    НА ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ИМ ТРЕБА ПОВЕЌЕ ОД ЕДЕН ЧАС ФИСКУЛТУРА НЕДЕЛНО, БАРААТ РОДИТЕЛИТЕ ВО ТЕТОВОПроектот „Инклузивен спорт – наша реалност“, чија цел е децата со посебни потреби активно да спортуваат во зависност од нивните физички можности, се изведува во Тетово (Фото: СДК.МК)

    Во спортската сала на Текстилното училиште во Тетово во тек е еден необичен спортски натпревар. Десетина деца, со невешти чекори, трчаат по кошакарската топка, со сите сили се трудат да го погодат кошот, а кога топката ќе влезе во обрачот, нивната радост е огромна. Во тек е кошаркарски натпревар во кој играчите се деца со посебни потреби и нивните другари. Сите тие се дел од проектот „Инклузивен спорт – наша реалност“,  чија цел е децата со посебни потреби активно да спортуваат во зависност од нивните физички можности.

    „Денеска играме кошарка и имаме четири екипи поделени според нивната возраст а заедно со нив се и неколку деца од редовните паралелки. Секако, овде резултатот воопшто не е важен, важно е сите ние  да се дружиме, да спортуваме и да покажеме дека и лицата со хендикеп можат да бидат дел од спортскиот живот. Досега имавме натпревар во атлетика, во трчање, а за наредната недела ќе имаме натпревар во голбал, тоа е тимски спорт специјално дизајниран за спортисти со оштетен вид. И во атлетиката и во кошарката екипите ги комбинираме па заедно со ученици со посебни потреби се вклучени и ученици од редовните паралелки. Во овие наши активности се вклучени четириесетина деца со ментална попреченост, Даунов синдром и со аутизам. Ваквите спортски активности многу им помагаат на овие деца и без разлика на нивната попреченост, тие навистина уживаат и бескрајно се радосни кога се дел од екипата и дел од еден спортски натпревар“, вели Ифраим Љута од здружението „Активен живот“ кое го спроведува овој проект.

    Додека трае натпреварот, публиката составена од родителите на овие деца бурно навива и ги бодри овие мали кошаркари во нивната игра.

    „Мојот син Агон е хиперактивно дете, постојано е во движење, но после еден ваков час, кога убаво ќе се изнатрча, кога ќе го потроши оној вишок на енергија, тој е многу посмирен и позадоволен. Јас како родител ценам дека ова многу му помага, и не само на мојот Агон, туку од разговорите со другите родители слушам дека тоа е добро и за нивните деца“, вели Едита Бајрами, мајката на Агон.

    Дека редовните спортски активности кај лицата со посебни потреби се многу потребени посочува и дефектологот Ајше Љоки, која работи како наставничка во посебната паралелка во основното училиште „Лирија“ во Тетово.

    „Ние во училишната програма физичко образование имаме само еден ден во неделата. Тоа ни од далеку не е доволно за овие деца. Имаме среќа што во нашето училиште на овие часови по физичко воспитување ни помага професорот Беџет Точи заедно со студентите од Тетовскиот универзитет. Сепак, на мислење сме дека овие деца треба во неделата многу почесто да имаат часови по фискултура, бидејќи физичката активност многу ги смирува и тие даваат подобри резилтати во учењето“ , вели Љоки.

    Проектот „Инклузивен спорт – наша реалност“ финансиски е поддржан од НВО „Полио плус“ во рамките на проектот „Маргина опскура – прашањето на хендикепот во пристапувањето кон Европската Унија“.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира