НА ГЛАСАЊЕТО ОСВЕН ГЛАСАЧКО ЛИВЧЕ ЌЕ СЕ ДОБИЕ И ЗАШТИТНА МАСКА

    НА ГЛАСАЊЕТО ОСВЕН ГЛАСАЧКО ЛИВЧЕ ЌЕ СЕ ДОБИЕ И ЗАШТИТНА МАСКАУтрово почна транспортот на гласачките материјали од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола до Општинските изборни комисии. (Фото: СДК.МК)

    Со силно полициско обезбедување, рано утрово, во комбиња на Македонски пошти започна транспортот на гласачките материјали од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола до Општинските изборни комисии. Се врши дистрибуција на 1.814.263 гласачки ливчиња расподредени во 3.390 гласачки места. Годинава, поради актуелната состојба со ковид-19, на избирчаките места ќе има и заштитни маски за секој кој ќе дојде на гласање без маска.

    „Подготовките на ДИК за целиот изборен процес се одвиваат непречено, посебно она што се однесува на заштитата на здравјето на нашите граѓани, ја користам приликата да ги повикам граѓаните да излезат на гласање, да не се плашат затоа што ние се погриживме да ги снабдиме сите избирачки одбори со доволно заштитен материјал, доволно заштитни маски, и оние гласачи кои немаат или не можат да си купат или нема да носат од било каква причина, ќе можат да добијата заштитна маска за да можат да гласаат“, рече Оливер Дерковски, претседател на Државната изборна комисија ДИК).

    Сите избирачки одбори се снабдени со по четири маски за секој член и уште 50 до 100 маски по одбор во зависност од бројот на запишани гласачи. Обезбедени се заштитни ракавици и дезинфекциони средства. На секое избирачко место ќе има по три шишиња со дезинфекционо средства и плус дополнителна количина. Од вчера до утре ќе се врши дезинфекција на сите гласачки места во државата, а истото ќе се направи и по избори.

    „Кога гласачот ќе влезе на гласачко место да биде сигурен дека нема било какво присуство на вирус“, рече Дерковски.

    За да се запазат протоколите за безбедно гласање, 150 гласачки места низ земјава се преместени во соодветни поголеми простории. На овие избори ќе има помалку 90 гласачки места, зашто имаат број на гласачи помал од 10 и гласачите ќе можат да го остварат правото на глас во најбиското гласачко место.

    Парламентарните избори ќе се одржат на 15 јули, во среда. Во вторник гласаат болните и немоќни лица, пријавени се 9.446, од кои во Битола 266. В понеделник ќе гласаат болните од ковид-19 и лицата во самоизолација или карантин. Пријавени за гласање се 747 лица во 52 општини.

    „Гласачките ливчиња имаат преголема заштита, не е можно никако да се фалсификуваат, има околу 20 заштити, гарантираме за тоа“, рече Драги Милошевски директор на печатницата „Киро Дандаро“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари